И покрај редуцираната, хибридна настава, опасноста од сообраќајот демне над децата
» Ќе се повтори ли и годинава сликата од минатото – уште првата недела од започнувањето на новата учебна година сообраќајот да ги зеде првите жртви меѓу децата. Причината секогаш е една и иста: човечкото невнимание!
Дефинитивно, досега никогаш апелите наменети за возачите и нивно внимателно однесување не дале резултат. Тоа го знаеме веќе одамна, но и покрај високата цена што ја плаќаме се чини дека тоа не е доволно за промена на нашите опасни навики. Како поинаку да го објасниме фактот што од година во година, со повторното враќање на учениците во школските клупи, ни се повторуваат драматични сообраќајни состојби во кои на децата им се загрозува здравјето, а често и животот. Како да се влијае на свеста на возачите барем кога се во близина на училиштата да ја намалат брзината и да обрнат внимание на однесувањето на децата?
А сé што треба да се направи зависи исклучиво од возачките навики. И сé е толку очигледно – со почетокот на школската година имаме зголемен интензитет на сообраќајот. Притоа имаме и мали дечиња за кои одењето во училиште значи прво соочување со крајно опасни ситуации. Сето ова потсетување на состојбите би било бесмислено кога кобната стварност не ни се повторувала со секој почеток на нова школска година. Прашањето што треба да си го поставиме е логично: како да ги избегнеме трагичните сообраќајки кои постојано нé потсетуваат на колективното отсуство на свесно и совесно однесување зад воланот?
Како и секогаш, одговорот е едноставен: со постојано присуство на полиција во близина на училиштата. Дополнително: организирање на школски, родителски и доброволни патроли кои би помагале во превенцијата. Колку и да изгледа ова решение неприменливо или грубо, длабоко сме уверени дека само тоа може да даде моментални ефекти. Комбинацијата на службена и цивилна контрола проследена со неселективни казнени мерки за прекршителите е интервентно решение кое би морало да функционира.
Освен што ова решение е веднаш применливо (со вонредни напори на сообраќајната полиција) и најефикасно во даденава ситуација, тоа истовремено е и најевтино. Изградбата на потребна инфрастуктура (поставување на лежечки полицајци, сигнализација, барикади…) чини време и пари, исто и едукацијата и воспитувањето на сите учесници во сообраќајот, за на крајот тој процес го заокружиме, повторно нели, со контрола и казнена политика.
Во ситуација кога секој ден ни е важен во сочувување на здравјето и животот на најранливите сообраќајни категории, присуството на полицијата и цивилните асистенти се наметнуваат како најефикасно превентивно решение за поголема безбедност на децата. Во спротивно, изградбата на некој иден одржлив систем за побезбеден сообраќај можеме да го дочекаме со трауми кои навремено сме можеле да ги превенираме.