Tags: , ,
Струја или живот

Што ќе вози светот а што ние во поблиска и подалечна иднина?

» Под диктат на крупниот капитал, политичарите прецизно ја проектираа динамиката на одлуките со кои се одредува иднината на мобилноста. Дилеми нема – возилата во иднина ќе се движат со помош на електрична енергија. Преодната фаза е резервирана за хибридите, но само како чекор до целосна електрификација. Во носењето на ваква, ревулуционерна одлука земени се предвид сите последици. Иако во прв план секогаш се истакнува еколошкиот аспект, сепак во позадина како голема стратешка цел стои редистрибуцијата на енергетските ресурси.

Логиката е едноставна – најразвиените земји владеат со чистите технологии за производство на електрична енергија (пред сé од нуклеaрки, но и од еколошки извори), додека природните ресурси како нафтата и гасот секогаш се наоѓаат на некоја „погрешна“ локација. Од оваа гледна точка, стратешките цели за ослободување од оваа зависност добиваат многу логична димензија.

До каде сме со сочувувањето на природната средина?

Од еколошки аспект, заменувањето на возилата со внатрешно согорување со електрично придвижувани автомобили, пред сé значи (повторно) редистрибуција на загадувањето. Наместо да се загадуваат големите урбани центри, штетните емисии кои се ослободуваат при производството на електрична енергија (вклучително и радиоактивниот отпад) се лоцирани „таму некаде“ далеку од градовите. За емисиите од согорувањето јаглен во термоцентралите многу што е кажано, а прашањето за складирање на радиоактивниот материјал значи навлегување во една непосакувана тема.

Сосема друга е приказната со енергијата добиена од обновливите извори, но барем засега таа количина е занемарлива во однос на сé друго. Интересот на потрошувачите за користење на новите технологии засега се потикнува со релативно ниската цена на електричната енергија. Веројатно така и ќе си остане сé додека не се стекне проектираната зависност. А потоа… Е потоа ќе видиме. Со голема сигурност тогаш можеме да очекуваме испорака на цехот за револуционерната промена на технологиите.

Што тоа значи за големите автопроизводители?

Големото преструктуирање е веќе во полн ек. Откако канцеларката Меркел ги искара домашните производители дека доцнат неколку години зад амбициозните американци од Tesla, германските гиганти се дадоа во забрзан развој. Во мометот сите се посветени на целосна хибридизација на сопствените производи, со што ги бришат трагите на очигледната затеченост, а во најава е и голем наплив на електричните возила. Интересна ќе биде трката помеѓу веќе рестриктивните закони за употреба (поготово на дизелите) и развојните центри кои имаат задача да развијат возила со нулта емисија на штетни материи.

Никој нема да биде претерано изненаден ако Кинезите како најголем светски производител станат водечка нација во однос на масовна употреба на електричните возила. На тој план мудрите кинески стратези имаат ангажирано цели армии од врвни експерти. Да не заборавиме и на фактот што тие немаат нафта, а имаат нуклеарни централи. Од друга страна ја имаме американската агресивност во истакнување на постигнатото ниво, а јапонските производители се барем деценија пред сите останати во развојот на хибридни возила.

Што со досегашните технологии?

Возилата со мотори со внатрешно согорување одамна имаат достигнато екстремно високо ниво на развој. Но употребата на електромоторите за нивни погон дефинитивно ќе ги прати механичките делови во историја. Иднина нема за класичните мотори (дизелот е веќе осуден, а бензинците ќе поживеат уште една до две децении), потоа менувачите, преносните оски, диференцијалите, механичкиот управувач, механичките сопирачки, резервоарите…

Нивното место ќе го заземат електромоторите (бројот на погонски мотори се движи помеѓу еден и четири) и командувањето „преку жица“. Во целава приказна со електрификацијата производителите не забораваат и на возачките задоволства. Возењето со нив ќе тече мазно и пријатно, но тоа задоволство ќе го има возачот само ако управува самиот, во спротивно ќе биде препуштен на одлуките на авто-пилотот. Сместувањето на сетот на батерии и електромоторите на техничарите им овозможува постигнување на идеален тежински распоред како и ниско тежиште на целото возило. Од друга страна релативно големата силина на елетромоторите дозволува перформанси кои се на ниво на спортски возила. Значи сé е тука, разликата се прави во користење струјата наместо течни горива или гас. Да, и во испуштањето на штетни материи во природата.

Каде сме ние во приказната со електричната иднина?

Ние како по обичај не сме нигде, односно тука сме, ама во тој свет едноставно не нема. За волја на вистината, во државата има некои седумдесетина возила кои се движат на струја, но тие не се резултат на некакви државни стратегии туку се иницијативи на поеднинци. А би можеле да бидеме некои или барем нешто. Без разлика на кој енергенс ќе возат нашите возила, ние тој мора да го увезуваме. А и постоечката инфраструктура многу полесно би можела да се доизгради за довод на електрична енергија отколку на течни горива и гас.

Но, едно големо „но“ стои помеѓу воздухот што го дишеме и политичките популизми. Кога ќе се случи нашата автомобилска електрификација е шпекулативна тема дури и за најголемите познавачи на состојбите. За да стигнеме до тоа ниво ќе треба да поминеме преку фаза на моторизација на нацијата, па преку обновување на возниот парк, сé до изградба на свеста за квалитетот на воздухот кој сите заедно го дишеме. По изодувањето на тој макотрпен пат, ете нé во светлата иднина на електричните возила.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *