Како ќе ја препознаете состојбата на половен автомобил
» Ако купувате стар автомобил може да побарате совет од стручњаците кои знаат каде да гледаат и како да ја утврдат неговата состојба. Но знајте дека и продавачите се стручњаци како да го скријат тоа што не треба да го видите. За да не ве прелажат, гледајте ги малите и наизглед неважни детали – токму тие често откриваат повеќе од виталните склопови за состојбата на автомобилот. Тоа треба да биде првиот чекор и ако автомобилот го помине, тогаш следи проверката на состојбата на механиката. Ако не, откажете се од купувањето.
На пример разликата во нијансите на бојата макар минимална или нееднаквиот зјај на споевите на каросеријата укажува на тоа дека автомобилот имал судар и дека е поправан. Во внатрешноста пак, деловите што биле во контакт со човечкото тело покажуваат каква експлоатација имал. Поминатата километража најдобро ја открива воланот – тој треба да биде умерено излижан. Ако е многу, тогаш е јасно дека автомобилот има доста поминато, но ако воопшто не е излижан, односно е како нов, тогаш некој сака да ве прелаже. Истото важи и за рачката од менувачот и педалите. Излижаните или искинати патосници не се добар знак, но ако се нови погледнете под нив. Бидете внимателни и ако автомобилот има нови навлаки на седиштата. Прегледајте го и багажникот и површината под облогите, бидејќи не е на добро ако автомобилот служел за превоз на товар. Проверете го празниот од на управувачот, дали рачката на менувачот е расклимана, како се подесуваат седиштата…
Генерално кажано ако внатрешноста е запуштена тоа укажува дека неговиот сопственик е неуреден и во одржувањето на автомобилот. Посомневајте се во тоа и ако ви продаваат автомобил со гориво на резерва.