Таква му била судбината
» Педесеттите години беа период на интензивно меѓусебно докажување на американските производители со атрактивни концепти. Тие во тоа, настојувајќи повеќе да ја воодушеват публиката, неретко ги користеа услугите на италијанските каросеристи. Еден таков проект беше и Chrysler Norseman кој требаше да биде автомобил од соништата кој ќе ја најави гамата за моделската 1957 година, за чие креирање беа ангажирани експертите на Ghia. Ним им требаа цели 15 месеци да го подготват спектакуларниот концепт на големо купе со четири седишта и револуционерен покрив прицврстен само назад, без предни и средишни столбови. Кога дојде време тој да се испрати во САД, шпедитерот го пропушти товарниот брод на кој беше планирано да биде пренесен и концептот беше натоварен на првиот расположлив транспорт, италијанскиот крузер Андреа Дориа. Но судбината сакаше тој приближувајќи се кон американскиот брег во густата магла да се судри со еден шведски брод по што на денешен ден 1956 година потона, носејќи со себе во длабочините на океанот 46 животи и целокупниот товар, вклучително и концептот Norseman.