Не предизвикувајте ја среќата
» Според здравствените работници околу 30 проценти од возрасните луѓе страдаат од некој вид алергии. Тоа е нешто за што мора да се размислува, без разлика дали е сезона на алергии или не бидејќи тие знаат да се појават и кога најмалку се очекуваат што е посебно опасно во возењето заради нивното влијание на возачот и неговите реакции. Алергиите кај различити луѓе се манифестираат на различни начини – најчесто со кивање, чешање, црвенило на кожата, солзење на очите и во потешките случаи оток. Сето ова ги попречува секојдневните активности, што во возењето може да го загрози и животот. Науката има докажано дека алергиите влијаат на способностите на човекот, кој не секогаш е свесен за тоа. Фактот и дека лековите за алергија ги намалуваат моторичките способности и разумното резонирање дополнително ја влошува ситуацијата. Според една студија од Холандија симптомите на алергија имаат слично дејство како и алкохолот во крвта.
Колкава опасност демне од алергиите најдобро илустрира најчестиот симптом за кој по правило сметаме дека е сосема безопасен – кивањето. Имено, при кивање доаѓа до рефлексно грчење на мускулите и затворање на очите. Тоа е само кратко – околу една секунда, но сосема доволно да го цимнеме воланот на страна без да го забележиме тоа. А за една секунда при градско возење со брзина од 50 km/h ќе поминеме скоро 14 метри, приближно околу три должини на автомобилот. Затоа доколку мораме да возиме кога сме нападнати од алергии, треба да се внимава на неколку работи за да се намалат опасностите.
Прозорците треба да се држат затворени, а климатизацијата да се подеси на рециркулација на воздухот. Во време кога знаете дека алергијата може да ве нападне претходно треба да се исчистат патосниците или уште подобро да се извадат од возилото. Тие обично се полни прашина, дури и ако се гумени. Инструмент таблата треба да се избрише со што ќе се намали прилепената прашина на неа, а на освежувачите на воздухот во кабината треба да се заборави – често содржат хемикалии кои дополнително ги иритираат дишните патишта и носната шуплина засилувајќи го дејството на алергиите. Ќе помогне и носењето очила за сонце со кои ќе се намали склоноста кон кивање и солзење на очите.