Tags: , , ,
Wrightbus StreetDeck Hydroliner FCEV

Првиот двокатен автобус со горивни ќелии

» Британците започнаа да се подновуваат со автобуси со погон на водород. Двокатни, се разбира, од компанијата Wrightbus од Северна Ирска. Нивниот прв ваков производ со погон на водород како прототип неколку години возеше низ Абедин и ги помина сите пробни и тест фази. После тоа, нарачките за StreetDeck Hydroliner FCEV пристигнуваа од повеќе места – покрај наведениот шкотски град уште и од Лондон и Бирмингем, благодарејќи и на издашната финансиска помош на европската иницијатива за водородни возила, проект кој има за цел да пласира околу 300 вакви автобуси во 20-тина европски градови. Парите не се мали, бидејќи цената на ваков автобус на водород е висока – Лондон на пример набави 20 автобуси за кои од програмата доби околу 5 милиони фунти, а сам и со други донации од домашни извори обезбеди уште најмалку 7 милиони.

Автобусот Wrightbus StreetDeck Hydroliner FCEV користи горивни ќелии Ballard од 85 kW, погонски систем на Siemens и батериски блок со капацитет од 46 kWh. Овој автобус е долг 10,9 метри и има капацитет за 85 патници, односно 64 места за седење и 21 за стоење. Оперативната автономија со полни батерии и резервоар за водород е 320 km, а можно е вградување и на дополнителен резервоар со кој таа се зголемува на 425 km. Полнењето на резервоарот со водород трае само 7 минути. Работи на принцип во кој водородот во горивните ќелии стапува во контакт со кислородот преку полупропусна мембрана. Притоа се одвива електрохемиска реакција во која молекулите на водород се делат на позитивни протони и негативни електрони. Протоните поминуваат низ мембраната кон катодата, додека електроните остануваат на анодата. Како резултат на реакцијата се добиваат електрична струја, вода и топлина – нема никакви штетни материи, ниту пак издувни гасови. Струјата ги задвижува електромоторите, водата се испушта во атмосферата, а топлината може да се користи за загревање на автобусот во студените денови.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *