Според многумина најдобриот Passat
» Со рекордна аеродинамика на своето време, успешната караванска верзија и концепција со попречно поставен мотор, третата генерација на Passat стана закон за средната класа. Тешко е од денешна перспектива во која овој модел го доживуваме како енциклопедиски пример за деловна лимузина да поверуваме дека некогаш не било така. Passat започна да го гради својот успех со првата генерација од 1973-тата насочувајќи го Volkswagen во вистинската насока кон новото доба. Беше препознат од купувачите, но сепак и таа и наредната генерација од 1981-вата беа изведени од Audi 80 со надолжно вграден мотор. Но појавувањето на Golf и неговото влијание на целокупната автомобилска индустрија доведе до јасна стратегија за искачување на марката на полупремиум ниво, а токму третиот Passat беше најголем чекор во тој правец.
Технолошки и дизајнерски Passat B3 беше јасно раздвоен од Audi и имаше сопствена, а не позајмена платформа. Потежок за 200 kg од претходникот, со своите димензии 4.575 × 1.705 × 1.430 mm и меѓуоскиното растојание од 2.625 mm делуваше поскладно и покомпактно. Аеродинамичната каросерија изведена од концептниот Auto 2000 имаше сензационален коефициент на отпор на воздухот од 0,29, за што беа заслужни хаубата спуштена преку предната маска која ја немаше – воздухот за ладење на моторот влегуваше низ подножјето на браникот и шупливото лого. За аеродинамиката придонесе и залепеното ветробранско стакло. Сето тоа беше заслужно за уверливите перформанси и примерно поволната потрошувачка, со што покрај докажаната Volkswagen-ова солидност на изработката и статусниот комфор Passat заслужено се етаблираше како главно мерило во Д-сегментот.
Уште од самото лансирање во 1988-мата гамата мотори беше богата. Во основната бензинска верзија се нудеше со 1,6 литарски мотор со 72 KS и четиристепен менувач, а топ-верзијата имаше дволитарски 16-вентилски мотор со 136 коњски сили од Golf GTi. Интересна беше малку подоцна додадената G60 верзија со спирален компресор кој силата на овој мотор ја набиваше на 160 коњи и сериски имаше 4×4 погон, а во аеродинамичниот нос на Passat се најде место и за 2,8 литарскиот VR6 со 174 коњски сили. Дизелот кој беше 1,6 литарски турбо со 80 коњи беше заменет со 1,9 литарски атмосферски и турбо со 68 и 75 коњски сили. Прегледната и функционална внатрешност со прецизни линии и одлична ергономија, заедно со комфорните и угодно профилирани седишта осигуруваа пријатно патувања и на далечни релации. Треба да се спомене и дека скоро половината од продажбата отпаѓаше на караванската верзија.
Passat B3 на пазарот номинално издржа само пет години, но реално девет бидејќи наредната B4 серија во основа беше негов редизајн. Се произведуваше во Германија, Белгија и Словачка, а беа направени нешто помалку од два милиона возила.