Духовен наследник на легендарниот комби на VW
» Ако некој праша како се вика легендарното комби на Volkswagen, тешко дека ќе се добие исправен одговор. Меѓутоа што и да се слушне ќе биде точно – овој модел има многу имиња и најмалку е битно како официјално се вика. Битно е дека сите овие децении остана верен на основната идеја, која инженерите на VW ја пренесоа во новата ера правејќи го електричен. Така е, отсега па натаму комбито на Volkswagen – викајте го како сакате па дури и со официјалната ознака ID.Buzz, ќе биде 100% еколошко. Направено е на темел на MEB платформата, што значи дека се враќа на изворната концепција – мотор и погон назад. Истото важи и за пропорциите – однадвор со компактни димензии, а заради долгото меѓуоскино растојание и недостатокот на стандардната механика со внатрешно согорување, располага со пространа внатрешност.
Тоа значи многу простор за патниците или пак за товар, бидејќи, како што треба, ќе доаѓа во две основни верзии. Во патничката во оваа иницијална фаза ќе има место за пет лица и 1.121 литар багаж, а во доставната за 3,9 m³ товар. Во иднина, секако, ќе следат и верзии за шест и седум патници и со продолжено меѓуоскино растојание. Носивоста од 650 килограми засега не е многу импресивна, но тоа ќе се среди со дополнувањето на гамата со посилен електромотор. Засега тој е со 204 KS и се напојува од батерии од 77 kWh, за кои сé уште не е познато колку далеку ќе го дотераат. Можеби нешто повеќе ќе се дознае до втората половина од годинава за кога е планирано неговото пазарно лансирање.