Volkswagen со концепт најавува нов електричен Golf
» Најсвежите вести од Volkswagen кажуваат дека Golf ќе продолжи да живее, но како електричен модел чиј концепт ќе го видиме идниот месец. Се работи за долго време очекуваниот ID.2 за кој иако сите зборуваат дека ќе биде колку Polo, па дури и помал, би можел да биде пласиран со името кое половина век е синоним за многу што. Случајност или не, оваа вест доаѓа откако беа објавени податоците за ланската продажба во Европа, каде деценискиот владетел заврши на петтото место – зад Peugeot 208, Dacia Sandero, VW T-Roc и Fiat 500. Во ваквата одлука на Volkswagen има многу логика, повеќе отколку гаснењето (делумно, додуша) на Passat и неговото заменување со ID.7. Впрочем, и без силниот имиџ што ознаката Golf го има, луѓето повеќе преферираат нивните автомобили да имаат име отколку генеричка ознака, колку и производителите на возила се трудат тоа да го искоренат.
Електричниот Golf во сериска изведба сепак не би требало да го очекуваме пред 2025 година – дотогаш како-така ќе владее сегашниот модел чиј редизајн ќе го видиме наскоро. И уште нешто – според досега објавените ланови на концернот, тој нема да биде германски автомобил бидејќи ќе се произведува во погоните на Seat во Шпанија.