Промашена визија или испуштена шанса?
» Ретко кој знае, но возилото денес се наоѓа во музејот на Volkswagen во Волфсбург. Требаше да ја има ознаката 600 и да се продава за триесеттина отсто поевтино од Буба. Основните начела на проектот со ознака ЕА 48 беа дека тоа треба да биде мал автомобил со погон на предните тркала, на кој тогаш се гледаше со скептицизам бидејќи како основа за успехот на Бубата се сметаше токму нејзиниот концепт со мотор и погон назад. Но успехот на Mini кој се појави пет години подоцна покажа дека тоа било погрешно мислење.
Овој автомобил ќе беше и првиот самостојно развиен Volkswagen, бидејќи, како што добро знаеме, креатор на Бубата е Фердинанд Порше. Долг 3,4 и со меѓуоскино растојание од 2,05 метри, располагаше со доволно место за четири лица и багажник од 155 литри. Му беше наменет двоцилиндричен воздушно ладен боксер со 594 cm³ и 18 KS добиен со преполовување на агрегатот на Бубата, кој му обезбедуваше максимални 95 km/h. Се експериментираше и со други погонски опции, меѓу кои и дизел. Голема иновација беше употреба на мекферсоновите опружни нозе, за прв пат комбинирани со погонот на предните тркала.
Првите тестирања поминаа добро и очекувањата на неговите конструктори беа големи. Но стравот на оние што одлучуваа дека тој ќе ги загрози работните места беше уште поголем и во 1956 година проектот беше укинат. Според едни тој ќе пружеше нови пазарни можности и можеби уште поголем успех, но според други терминот на неговото создавање не беше погоден бидејќи после почетните проблеми, во 1955 година се засили производството на Буба и започна нејзиниот пазарен бум ширум светот, заради што одлуката Volkswagen да се концентрира на неа и да не се создава интерна конкуренција, беше очигледна. Штета.