Како од некој друг паралелен универзум
» Посматрајќи ги возилата кои доаѓаат од Латинска Америка, не можеме да се оттргнеме од впечатокот дека ни изгледаат како да се од некој друг паралелен универзум. Чудниот сплет на историски причини во кој се мешаат европското и американското бизнис влијание придонесе автомобилската индустрија на овој континент да тргне по сопствен, уникатен пат на развој. Еден типичен нејзин продукт е и големиот камион Volkswagen Constellation кој доаѓа од Бразил.
Кај нас исклучиво познат по автомобилите без свое директно учество во камионската индустрија, германскиот производител почитувајќи ги специфичностите и барањата на пазарите во Јужна Америка таму под својот знак нуди три серии камиони. Најголем меѓу нив е Constellation, кој својата историја всушност ја долгува на камионите на MAN во Бразил. Имено, за да ги избегне високите увозни давачки, VW уште во 1980 година започна со производство на комерцијални возила во Јужна Америка откупувајќи ја фабриката на Chrysler во бразилскиот град Ресенде. На почетокот таму се произведуваа бразилски верзии на LT на платформи од Chrysler со мотори од Deutz, односно Navistar, за во деведесеттите години да се започне со користење на компоненти од Ford.
Годината 1996-та беше преломна и VW тогаш се одлучи за сопствен развој на возила, што резултираше со импресивна гама во тежинските категории од 5 до 63 тони, а се започна и со извоз во Јужна Африка и Блискиот Исток. Имаше и обиди возилата произведени таму да се продаваат во Европа, но без некој позначаен успех и со краток рок. MAN ја презеде оваа фабрика во 2009-тата, само две години пред гигантот од Волфсбург да стане доминантен негов сопственик. Со тоа идниот правец на развој на возилата на оваа компанија беше изричито насочен, бидејќи VW е доста познат во Јужна Америка, а MAN не. Затоа и денес таму, гледано од наша перспектива, владее една измешана понуда која всушност тоа и не е, туку е плод на сопствениот тек на долгиот развоен пат во кој свое влијание имаа многу глобални фактори.
Како и да е, од 2005-та година наваму во Бразил и на латиноамериканските и ретките извозни пазари под логото на Volkswagen се продава големиот Constellation. Дизајниран во Германија, неговиот развој траеше 4 години, време за кое беа поминати 7 милиони тест-километри во ригорозни услови. На располагање е во конфигурации од 4×2 до 8×4 и со многу изведби – од камион за градска дистрибуција преку влекач за долголиниски транспорт до разни специјални модификации. За погон се користат повеќе генерации на Cummins или пак сопствени мотори развиени во соработка со MAN, со распон на силината од 205 до 475 коњски сили. Внатрешноста потсетува на камионите на MAN од осумдесеттите години, а како експеримент за лансирање на овој модел на европскиот пазар на салонот на комерцијални возила во Хановер во 2016 година беше покажан интересен прототип, кој како гориво користи природен гас. Сепак, автономијата од едвај 200 километри однапред го осуди на неуспех кај купувачите на Стариот Континент, а ниту цената од околу 130.000 евра не изгледаше многу примамливо. Денес Constellation се монтира уште и во Мексико, Јужна Африка и Филипините, а се работи и на исполнување на недокрај дефинираните планови за негово пласирање на Блискиот Исток и некои други земји.