Toyota држи 10 отсто од пазарот во Македонија
» Ви го пренесуваме интервјуто со генералниот директор на Тојота Авто Центар, Благоја Димитровски, направено за асоцијација на автомобилски новинари на Македонија „АвтоМобилност“, чиј член е и Турбо1.Mk. Разговорот со него го започнавме со бројките за продажните резултати.
Немајќи релевантни и меродавни податоци од официјалните институции, нашите бројки и анализи на пазарот се базираат на податоците добиени од нашиот принципал, Toyota Motor Europe. Според нив, минатата 2021 година во Македонија се продадени вкупно 6.603 нови возила. Toyota продаде 661 возило и освои пазарен удел од точно 10 проценти, со кој се позиционира на првото место.
»Toyota за прв пат е на челното место.
На што се должи тоа?
Тоа е комбинација на неколку фактори. На прво место би ја ставил уникатната хибридна технологија која континуирано се развива уште од 1997 година и е доведена на највисоко експертско ниво. Тоа е препознаено од страна на купувачите и ни обезбеди отприлика 45% од вкупниот број продадени возила. Како второ, Toyota уште од 2019 драматично го смени дизајнерскиот израз. Со тоа возилата добија препознатлив и подинамичен изглед, кој на наше лично задоволство и задоволство на Toyota ни обезбедува поголема посакуваност од страна на возачите, а со самото тоа и зголемена продажба.
Третиот факт што исто така би го издвоил е што започнувајќи од месец јуни минатата година на нашиот пазар воведовме 10-годишна гаранција на возилата. Таа гаранција повторно е уникатна затоа што е со најдолг временски период, што важи и за поминатата километража од 200 илјади. Би сакал да напоменам дека се работи за фабричка гаранција, што значи дека таа доаѓа со целосна поддршка од производителот. Последно, но не најмалку важно е и тоа што ние минатата година не се соочивме со сериозен проблем во однос на производството и испораката на возила. Поточно, имаше проблеми, имаше задоцнувања, но не како кај останатите производители. Сметам дека ова се едни од најважните движечки сили кои ни помогнаа, односно ни обезбедија предуслови да го осигураме тоа прво место.
»Каква е структурата на продадените возила?
Кој е бестселер на нашиот пазар?
Генерално тоа се Corolla во хечбек и седан издание, која како и во источниот дел од Европа, така и во Македонија, зазема сериозен пазарен удел. Докажаниот квалитет, имиџот на најпродаван модел во историјата, потоа практичноста на багажниот волумен, а и нејзиното ценовно позиционирање, претставуваат одлучувачки адути кај купувачите. Следат нашите претставници од А и Б-сегментот Aygo и Yaris, а би сакал да го потенцирам и RAV4 затоа што со актуелната генерација, слободно можам да истакнам, Toyota е еден од лидерите на македонскиот пазар. Можеби не е најпродаван SUV, но сигурно е во топ-3 најпродаваните возила во овој сегмент.
И покрај важечките цени?
Нели се виссоки?
Да, и покрај цените кои во последно време се во континуиран раст. Причините за тоа се наоѓаат во поскапувањето на репроматеријалите за производство на возилата, растот на цените од добавувачите на компоненти, повисоките транспортни трошоци… Сепак сметам дека сите атрибути што претходно ги наведов целосно ја оправдуваат цената на нашите производи. Самиот факт што има значителна побарувачка и со моменталните цени, значи дека се наоѓа одлична сатисфакција во односот платено-добиено.
»Колку помага што Toyota е најголем светски производител?
Моќта на марката сигурно дека помага и влијае, но за македонскиот пазар тоа не би го ставил како главен адут, иако Toyota во последниве 6 до 7 години, не само на светскиот туку и на пребирливиот европскиот пазар, сé повеќе е во фокусот на купувачите.
»Какви се движењата од првото тримесечие на годинава?
И за првите три месеци можам да кажам дека ни се одлични. Според нашите анализи, во првото тримесечие ние повторно сме број 1 на пазарот. И за овој период исто така би ги истакнал споменатите атрибути, со тоа што како многу важен момент би ја навел навремената испорака и одличното планирање во смисла на оптимизираното производство во однос на побарувачката.
»Што ново ќе има до крајот на годинава?
Нешто интересно?
За околу месец и половина очекуваме да пристигне Aygo Cross. Тоа ќе биде комплетно ново возило, со нов концепт. Како што кажува и самото име, се напушта стандардниот концепт на кој возилото беше етаблирано во А-сегментот и се оди кон кросовер класата. Тука морам да напоменам дека иако останатите производители креваат раце од малите градски возила заради намалената побарувачка и работењето со помали оперативни маржи, Toyota одлучи да го откупи делот од фабриката во Чешка каде заедно се произведуваа Peugeot 108 и Citroen C1. Она што е интересно во врска со овој модел, а што би сакал да го потенцирам, е дека ние веќе имаме три нарачки кои се направени онлајн, дури и пред купувачите да го видат моделот во живо. Тоа на еден практичен начин ни укажува дека живееме во време на промени, како од наша така и од страна на купувачите, кои веќе се подготвени да прават и онлајн резервации и да купуваат возила уште пред да ги видат во живо.
Го очекуваме и првото електрично возило на Toyota наречено bZ4X, кое на македонскиот пазар официјално би било претставено во период меѓу јуни и август. До крајот на годината, поточно уште во почетокот на втората половина ја очекуваме и Corolla Cross, така што семејството на Corolla составено од хечбек, седан и Touring Sport караванската верзија ќе биде збогатено и со SUV изведба.
»За крај на разговорот, што би им порачале на вашите потенцијални купувачи?
На нашите потенцијални купувачи би им препорачал да ги следат спецификациите, да ги следат понудите и опремата, затоа што живееме во време кога цените рапидно и често се менуваат. Едноставно, да изберат мудро.