Конвенционален спортист
» Приказната за Octavia RS е заокружена – после хибридната Octavia RS iV, од Škoda пристигнаа и конвенционалните спортски варијанти на семејната лимузина. Со овие изведби таа сега е во понуда истоветна на новиот Golf, односно неговите GTE, GTi и GTD верзии. Овие две (всушност четири) варијанти ги немаат буквите iV во ознаката, што значи дека немаат електрична помош. За нивно задвижување се задолжени дволитарските TSi и TDi мотори. Бензинската изведба има 245 KS и 370 Nm и се нуди исклучиво со погон на предните тркала и опционално со DSG менувач со седум степени. Забрзува до 100 km/h за 6,7 секунди и може да дофати до 250 km/h. Дизелската Octavia RS има округли 200 KS и 400 Nm. Кај неа DSG трансмисијата е стандардна, а погонот на сите тркала со доплата. Перформансите се скоро идентични – 6,8 секунди до 100 km/h и максимални 243 km/h.
Заедно со моќните мотори доаѓаат и прогресивно серво управување и спортско ослонување спуштено за 15 mm, а динамички прилагодливото подвозје е по избор на купувачот. Опремата е дополнета со централна воздушна перница и тркала од 19 инчи. За агресивноста на настапот придонесуваат и светлата за магла со LED технологија, а назад двојните издувни цевки и спојлерот. Нови се и браниците, а спортското чувство внатре го подгреваат седиштата и инфо-забавниот систем со RS графика.