Француски шармер
» Со намера да го засили своето присуство, Renault започна да истражува нови пазарни сегменти. Така во 2019 година најпрво само за Русија го понуди купе SUV моделот наречен Arkana, кој наредната 2020-та осамна и на другите пазари. Но иако имаше исто име и скоро ист дизајн како и рускиот, новиот модел беше базиран на понапредна платформа позајмена од Captur, од кој сепак е значително поголем. За приказната да биде комплетна треба да се каже дека овој модел кој се произведува во Јужна Кореја беше претставен како Samsung XM3, додека заради негативната конотација на името во земјите од поранешна Југославија се продава како Megane Conquest.
Но како и да се нарекува, овој купе-кросовер остава позитивен впечаток веќе на прв поглед. Има должина од 4.568 и меѓуоскино растојание од 2.720 милиметри кои го прават подолг дури и од Kadjar кој е за едно скалило повисоко позициониран во хиерархијата на францускиот производител. Дизајнерски ги има сите типични стилски детали на Renault, вклучувајќи ги големата маска, дневните светла во облик на бумеранг и големото лого на средина. Главна карактеристика на силуетата е опаѓачката линија на покривот која му дава купеовски облик. Задниот дел го чинат елегантно вклопените светлосни групи и масивниот браник со вешто сместени имитации на отворите за издувниот систем кој пак ефикасно е скриен од очите на посматрачот.
Што се однесува до ентериерот тој изгледа модерно и атрактивно. Завршната обработка е одлична а решенијата се најмодерни кои ги нуди Renault – резултатот од работата на дизајнерите на марката е за секоја пофалба. Седењето открива дека се работи за автомобил кој е повисок од класичен компакт но понизок од SUV моделите. Во него лесно се влегува и излегува, седиштата се ергономски добро обликувани и имаат силна бочна поддршка, а удобноста е на високо ниво. Назад заради покривот кој се спушта тие се поставени нешто пониско, со што е добиено доволно простор за главите. За пофалба е и лизгачкиот наслон за раце, што во оваа ценовна категорија е реткост.
За контролната табла користен е истиот концепт како и кај Clio и Captur. Просторот над централната конзола практично е прекриен со дисплејот на мултимедијалниот систем чувствителен на допир кој заслужува највисока оценка. Има одлична графика и може да се подели во неколку зони за побрз пристап до најчесто користените функции. Под централниот дисплеј се наоѓаат неколку вообичаени физички команди, а под нив е комплетната контрола на клима уредот. И инструмент таблата исто така е дигитална, а пофалби заслужува можноста за подесувања на графиката и бојата на позадината. Широките предни столбови го ограничуваат видното поле што би требало да биде посилна страна на SUV моделите. Прегледноста и назад е ограничена, но тоа е карактеристично за ваквиот купеовски стил на каросеријата. Заради тоа се монтирани големи ретровизори и одлична камера за возење наназад. Багажникот пак има зафатнина од 480 литри.
Електрификацијата е тренд кој автомобилските компании посебно европските не можат да го избегнат. Во овој процес електричните возила имаат водечка улога, но до нивното завладување со пазарот ќе се среќаваат и други решенија. Renault за Arkana се определи за благите хибриди со 1,3 литарски турбо мотор со 140 и 158 коњски сили, како и за класичниот хибрид со системски 143 коњски сили. Кај него под хаубата е сместен 1,6 литарски атмосферски агрегат на кој му помага електромотор сместен во куќиштето на менувачот. Системот се ослонува на модерна мултимод трансмисија без спојка која наместо механичка синхронизација за изедначување на бројот на вртежите користи електрична синхронизација. Последен дел од системот е батеријата со капацитет од 1,2 kWh. Бидејќи во чисто електричен режим возилото може да се движи само на кратки растојанија и со максимални 75 km/h, при возењето остава впечаток дека е наменето само за уживање при крстосувачки брзини, без претензии за спортско однесување. Меѓутоа во градски услови агилноста е одлична и автомобилот е подготвен живо да стартува наградувајќи го возачот и со ниска потрошувачка а сите останати со помалку издувни гасови.