Tags: , , ,
Trabant 601 (1964-1990) – 15*видеа, фото галерија

Срп и чекан на тркала

» Врежано но доста погрешно мислење е дека со доаѓањето на комунизмот источноевропските автомобили станаа технолошки заостанати и лошо изработени. Во реалноста тој процес на заостанување зад западните технологии се одвиваше бавно, посебно во Чехословачка и Источна Германија, кои до пред војната имаа доста напредна и развиена автомобилска индустрија. Нивните автомобили во ’50-тите и ’60-тите години беа технолошки сосема рамноправни, а во некои случаи и понапредни од западната конкуренција. Еден од убавите примери за тоа е Trabant P 50, чие производство во фабриката VEB Sachsenring во Цвикау започна 1958-мата. Тогаш тој беше еден од најсовремените мали автомобили, со шасија од едно парче, преден погон и каросерија направена од напредниот пластичен материјал дуропласт кој се добиваше од рециклиран отпад од текстилната индустрија. Така Trabant неколку децении пред појавувањето на идејата за користење рециклирани материјали го предводеше светот, а воедно беше и отпорен на корозија.

Малецката триделна лимузина имаше трендовски дизајнерски елементи како што беа перките  на задниот дел по углед на Morris Oxford, DKW Junior, Peugeot 404, Simca Vedette… Името кое на германски значи сателит му беше одбрано во чест на рускиот Спутник. Двотактниот мотор беше технолошки застарен, но треба да се потсетиме дека покрај DKW уште и Saab и некои јапонски производители ги користеа во шеесеттите, па дури и во седумдесеттите години. Но заради државно контролираната економија Trabant не се развиваше многу и од напреден трендсетер се претвори во застарено возило кое служи за потсмев. Единствениот каков-таков развој беше на почетокот кога после пар години производство моделот P 50 беше заменет со P 60, познат и како Trabant 600. Тој ја имаше истата каросерија но техничките решенија му беа како на 601, оној што сите го знаеме едноставно како Trabant и кој практично непроменет остана скоро три децении.

Далеку од тоа дека инженерите го занемарија и дозволија автомобилот да застари. Тие редовно подготвуваа нови прототипи и проектираа технички решенија, кои комунистичките власти ги одбива заклучувајќи дека Trabant таков каков е, е сосема примерен автомобил за пролетаријатот. Внатрешноста му беше спартанска, со рачка од менувачот како рачка на чадор, поставена на управувачот, без покажувач на количината на гориво туку со вентил за вклучување на резервата како на мотоциклите, а кај постарите модели долгите светла се палеа и гасеа со копче под левата нога. Но сепак беше популарен – многу! Додека Lada, Wartburg, Moskvich, Škoda, Polski Fiat, Zastava, Dacia беа присутни на западните пазари, Trabant не беше, не само затоа што беше тешко да ги задоволи техничките барања, туку затоа што не можеа да се произведат доволни количини за да се задоволи побарувачката дома. На него се чекаше со години (некои велат и до 13), но траеше со децении – просечниот век на траење му беше дури 28 години!

Двотактниот двоцилиндричен попречно поставен мотор со алуминиумски блок и воздушно ладење кој трошеше 3-отстотна мешавина, беше скоро невозможно да се уништи. Тој од 595 cm³ извлекуваше на почетокот 23 а подоцна 26 KS. Немаше разводник за палење туку два одвоени високонапонски круга со два индукциони калеми и два пара платински копчиња, а немаше ни пумпа за гориво кое од 24-литарскиот резервоар се влечеше со слободно истекување, со помош на гравитацијата. Максималната брзина му изнесуваше 100 km/h, но заради малата тежина од само 615 kg живо забрзуваше. Потрошувачката не паѓаше под осум-девет литри, а количините смрдлив синкаст чад кој се виореше зад секој Trabant не беше можно да се измерат. Моторот беше носечки дел од каросеријата, а сервисирањето беше евтино и едноставно. Практичниот и издржлив караван со назив Universal се појави 1965-тата, а едно време беше достапна и баги изведбата Tramp, изворно наменета за источногерманската војска. Последната серија од 1990-1991 година беше опремувана со четиритактен четирицилиндричен мотор од Volkswagen Polo, со 1.043 cm³ и 41 KS. Со ознака 1.1, официјално се смета за засебен модел.

Trabant имаше и спортска кариера. Моторот лесно се вртеше и засилуваше, а фабричките возачи, каде и да се појавеа, беа страв и трепет во малолитражните категории на рели натпреварите, не само во Источна Европа. Погледнете го видеото за тоа.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *