Tags: ,
Renault 5 Turbo (1980-1985)

И ден-денес фасцинира со својата појава

» Откако во 1977 година ја воведе турбо технологијата во формула 1, Renault бараше начин како комерцијално да ги искористат стекнатите искуства. За тоа им требаше ново оружје, нешто многу поблиску до возилата за секој ден. Изборот падна на Renault 5 и на рели натпреварите како алатка за промовирање на уличниот турбо тркач. Возилото со едноставен назив Renault 5 Turbo освен изгледот немаше скоро ништо заедничко со цивилниот модел, но тоа беше повеќе од доволно за да си ја исполни задачата. А изгледот кој ги оставаше посматрачите со подзинати усти недвосмислено ги навестуваше неговите перформанси. Затоа и место планираните 400 примероци колку што требаше да се направат за да се добие хомологација за рели натпреварите, за пет години беа произведени и продадени скоро пет илјади.

Моделот осмислен како ултимативно рели возило со мотор сместен централно и погон на задната оска беше претставен на салонот на автомобилите во Париз во 1978 година. Се разбира, осамна на сите насловни страници на автомобилските ревии – никој не остана имун на неговите широки тркала и масивните задни крила со отвори за воздух за ладење на моторот. Малку беше да се каже дека изгледа како Renault 5 на стероиди.

За производство беше задолжена фабриката на Alpine, од чии модели презеде дел од механиката. Моторот беше 1,4 литарски со 160 коњски сили, а за да се намали тежината возилото имаше алуминиумски врати и покрив, кои во втората итерација на моделот од 1983 година беа заменети со стандардни за да се намали цената која изнесуваше доста високи 115.000 франци, односно четири пати повеќе од стандардниот модел. Или, поинаку кажано, колку Mercedes S-класа. Беше јасно дека е родена нова спортска икона – дури и не ѝ требаа успеси на спортските натпреварите за да се прослави. Сепак ги имаше, и тоа доста, меѓу кои и победата на легендарното рели Монте Карло.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *