
Пристигнува при крајот на годината
» Новиот Range Rover Sport дефинитивно се промени во однос на својот претходник, но задржа барем две важни работи – моторот со осум цилиндри и физичките копчиња на клима уредот. Однадвор скоро сите остри линии се заоблени а површините измазнети, вклучувајќи ги и рачките скриени во вратите. Должината од безмалку пет метри и растојанието меѓу оските од три метри покажуваат дека навистина е помал брат на Range Rover. И задниот дел исто така е преуреден, токму како кај Range Rover, но сепак ќе биде тешко да се помешаат овие два модела. Ако ѕирнеме во внатрешноста која изгледа фантастично, ќе забележиме едноставност без непотребни украси. Екранот е во облик на таблет, ама за промена не е поставен на врв на контролната плоча, туку под нејзиниот горен раб. Модифицираните седишта додаваат три сантиметри простор за нозете.
Моторната понуда е сеопфатна. Најинтересни се двата плаг-ин хибрида во комбинација со шестцилиндричен трилитарски бензински агрегат со 440 или 510 KS и 113 km електрична автономија. Дизелите се благи хибриди, исто со шест цилиндри и три литри и максимални 250, 300 или 350 KS. Обичните бензинци, повторно шестцилиндрични трилитарски генерираат 360 или 400 KS, а топ моделот е 4,4 литарски V8 со 530 KS. Сите ќе бидат на располагање исклучиво со осумстепена ZF автоматика и погон на четирите тркала. Понудата ќе биде комплетирана во 2024 година со електрична верзија.