Последен поздрав за Годзила
» Претставен како концепт 2005-тата и две години подоцна како сериски модел, Nissan GT-R е еден од најдолговечните спортски автомобили на пазарот, а според многумина и најдобар. Статусот на легендата си го осигура со беспрекорната техника, бескомпромисните перформанси и безбројните специјални изведби, како што е и оваа, последната. Нејзината ознака T-Spec ќе биде закачена на само 100 примероци со кои ќе се означи и крајот на епохата на овој еден од најзначајните спортски автомобили на овој милениум. Дали ќе има наследник? Слабо веројатно, бидејќи заради сé построгите еколошки и безбедносни стандарди многу ќе биде тешко да се конструира ваква чистокрвна машина.
Оваа серија има покрив, поклопец на багажникот и други детали од карбон, композитни сопирачки, посебни тркала и други детали, а во внатрешноста најфините материјали. Моторот доведен до перфекција нема промени – 3.8 V6 битурбо зауздан со погонот на сите тркала дава максимум од 572 KS и 637 Nm кој до 100 km/h троши 2,8 секунди и не запира до 315 km/h. Цената во Јапонија стартува од 15,9 милиони јени, односно 145 илјади долари, што е скоро половина повеќе од стандардниот GT-R. Заради огромниот интерес, купувачите ќе се селектираат по пат на лотарија.
Слична серија за збогување ќе биде понудена и во Америка.