Три планински врва и снегулка
» Нашите прописи како зимски пневматици ги дефинираат, цитираме: „оние пневматици кои на својата бочна страна имаат ознака MS, M+S, М&S како и знак на снегулка на стилизирана планина со три врва“. Ваквата формулација поткрепена со врежаното мислење наведува да помислиме дека сите пневматици со M+S ознака се зимски, но не е така. Што всушност значи оваа ознака?
Буквите M+S во ознаката на пневматиците се кратенка од Mud and Snow, односно кал и снег, што номинално кажува дека се развиени за подобрување на возните својства на автомобилите на кал и снег, цврст или кашав. Тоа се постигнува со дезенот на газната површина која има карактеристични ламели оддалечени едни од други повеќе отколку кај летните пневматици. Затоа и некои M+S пневматици се продаваат и како зимски, или пак како пневматици за сите годишни времиња. Но, за разлика од вистинските зимски пневматици, прописите не бараат M+S пневматиците да бидат тестирани (и сертифицирани) за користење на снежни услови. Тоа се само пневматиците кои (најчесто покрај ознаката M+S) имаат и симбол на планина со три врва и снегулка. Затоа, не наседнувајте на убедувањата на трговците дека пневматиците само со M+S ознака се навистина зимски.