Tags: ,
Филтер за цврсти честички (2*видеа)

Што е DPF и како делува?

» Филтерот за цврсти честички со англиска кратенка DPF (diesel particulate filter) е уред вграден во издувниот систем на дизел моторите чија задача е отстранување на цврстите честички саѓе од издувните гасови кои настануваат во процесот на согорување на горивото. За да биде ефикасен, одвреме-навреме треба да се ослободи односно исчисти од наслагите на саѓе кои се имаат наталожено во него. Постојат два вида на овој процес кој се нарекува регенерација – пасивна и активна. Пасивната регенерација се одвива сама од себе, без интервенција на контролната електроника на моторот, во тек на возење на отворен пат. Во такви услови заради зголемената температура на издувните гасови (350 до 500 °C) процесот на регенерација полека и континуирано се одвива во филтерот за цврсти честички чие јадро е обложено со каталитички слој на платина. Високата температура на издувните гасови ги пали честичките саѓе кои согоруваат и се претвораат во пепел кој се исфрла во атмосферата.

Активната регенерација се одвива исто така при возење на отворен пат, но со интервенција на електрониката на моторот кога пресметаното таложење на саѓе во филтерот за цврсти честички ќе достигне 45 отсто. Електрониката тогаш со исклучување на рециркулацијата и вбризгување дополнително количество гориво (во моторот или директно во издувниот систем) ја зголемува температурата на издувните гасови над 600 °C. Ако возачот во текот на активната регенерација ја намали брзината или пак застане, процесот се прекинува за повторно да започне кога ќе се создадат услови за негово одвивање. Ако пак после неколку обиди регенерацијата на филтерот за цврсти честички не успее, кога наталоженоста на саѓето ќе достигне 50 отсто се пали сигналната сијаличка на DPF филтерот на инструмент таблата.

Важно е да се знае дека тоа е предупредување дека филтерот за цврсти честички е наполнет  со саѓе заради честите возења на кратки градски релации. Кога е сигналната сијаличка ќе се запали, возачот треба да излезе на отворен пат и да вози со константна брзина од најмалку 60 km/h барем 10-15 минути, за наталоженото саѓе во филтерот да се запали и согори. Ако и после тоа сијаличката на DPF филтерот продолжува да свети, треба да се отиде на сервис за да се отстрани грешката. Ако пак процесот на активна регенерација не успее или пак се игнорира, таложењето на саѓето ќе продолжи и кога ќе достигне 75% ќе започне да се чувствува опаѓање на силата на моторот. Тогаш под итно треба да се отиде во сервис каде со посебен уред ќе се изврши принудна регенерација на филтерот за цврсти честички. Ако пак ни тоа не се стори, кога наталоженото саѓе ќе достигне 95 отсто не останува ништо друго освен замена на целиот DPF.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *