Кралот на автобусите
» Историјата препознава многу автобуси кои одиграле значајна улога во развојот на земјите каде биле во експлоатација, по правило заради протективните државни мерки строго национално ограничени. Еден од поретките кои имал значајно глобално влијание е Mercedes O 302, своевремено признат како крал на автобусите. Титулата која во целост ја има заслужено ја круниса со улогата на официјален автобус за превоз на фудбалските репрезентации на светското првенство во 1974 година кое се одигра во Германија, непосредно пред да започне да се подготвува за пензија.
Се појави во 1965 година во три верзии, со 10, 11 или 12 реда седишта и мотори со 126 и 150 коњски сили, во градски, приградски и меѓуградски изведби. Карактеристика му беа на врвот заоблените странични стакла кои се добиваа со поскапите верзии. Овој автобус пазарот го прифати одлично и заради барањата на купувачите следеа низа подобрувања. Беше лансирана и верзија со 13 реда седишта, а моторите беа засилени до 240 коњи. Конструктивно беше одлично изведен со крути мостови напред и назад поставени на рамки од челични профили. Моторите беа редни шестцилиндрични со директно вбризгување а менувачот со пет синхронизирани степени на пренос. Ослонувањето стандардно беше со спирални пружини напред и лиснати назад или опционално воздушно.
Светската слава ја достигна брзо и започна да се произведува во многу земји насекаде низ земјината топка. Во Југославија дури во три фабрики – во варијантата со 12 реда седишта излегуваше од погоните на TAZ Загреб и Avtomontaža Љубљана, со тоа што словенечката варијанта беше со за 80 mm пониска подница, додека нашиот ФАС 11 Октомври од Скопје под брендот Sanos ја произведуваше најдолгата варијанта. Не е познат бројот на земјите каде сé се произведуваше овој автобус, но познато е дека после неговата замена со посовремениот O 303 во Германија во 1974-тата, Hyundai го произведуваше во Јужна Кореја уште две години. Вкупно беа направени околу 32.000 примероци, од кои нешто повеќе од половината како шасии на кои независните каросерници имаа направено свои надградби.
Овој автобус со децении важеше како удобен, тивок, економичен и исклучително издржлив – познати се примероци кои имаат набилдано и по два милиони километри. Интересен и доста слабо познат факт е дека беа направени и негова хибридна и електрична верзија, малку поинакви од оние какви денес познаваме – хибридната верзија располагаше со пантограф како трамваите преку кој влечеше погонска струја а каде немаше инфраструктура неа ја добиваше од батериите, додека електричната располагаше со електромотор и мал дизел мотор кој произведуваше струја за него.