Tags: , , , , ,
Mercedes L 6600 и O 6600 (1950-1962) – фото галерија

Исконските почетоци на комерцијалната програма на Mercedes

» После втората светска војна на разрушената Германија ѝ требаа товарни возила, и тоа многу на број и големи по носивост. Иако во првите години ограничени технички, финансиски и административно, на домашните производители не им требаше многу време да реагираат и понудат возила кои и успешно ги извезуваа. Во тој период Mercedes истапи со новата серија камиони на почетокот комерцијално означена како L 6600 и автобусот со нивната механика O 6600. Иако сега скоро никој не ги памети, овие возила беа своевидни револуционери во тие години, од повеќе причини.

Камионот кој имаше интерна фабричка ознака 304 беше лансиран на пазарот во октомври 1950 година, а автобусот следеше само месец дена покасно. И двете возила, но посебно камионот беа конструирани да бидат робусни и пристапни со добар сооднос на тежината и корисната носивост, како и да бидат едноставни и евтини за одржување. Притоа посебно беше посветено внимание на можноста резервните делови брзо да се доставуваат до сервисите. Сето тоа беше дополнето со добро формирана сервисна мрежа што овој пристап го направи извонредно успешен. Така до 1956 година комерцијалните возила веќе генерираа повеќе од половина од продажбата на Daimler-Benz.

L 6600 кој од 1954 година ја носеше ознаката L 315 беше камион со дозволена носивост од 6,6 тони. Со својот долг нос на прв поглед многу потсетуваше на моделите пред него со корени од пред втората светска војна, но сепак располагаше со нови технологии кои во меѓувреме доста се развија, посебно моторите. Располагаше со лесен и брз дизел мотор со поголема моќност и помала потрошувачка, кој од своите 8,3 литри испорачуваше 145 KS при 2.100 вртежи во минута и му овозможуваше максимална брзина од 70 km/h и потрошувачка од 24 литри гориво на 100 километри. За споредба, неговиот претходник од 11,2 литри развиваше 150 KS при 1.700 вртежи во минута, а камионот опремен со него развиваше 55 km/h и трошеше 36 литри дизел на 100 km.

Ваквите карактеристики го направија моторот на L 6600 доста успешен, одржувајќи го во живот дури до 1979 година. Паралелно се развиваше и прошируваше и гамата камиони чија моќност (со друг мотор додуша) порасна на 200 коњи а носивоста на 12 тони. Истовремено беше задржана и издржливоста, а понудата беше дополнета и со верзии на камионите со кабина над моторот која им обезбедуваше поголема компактност и подобри маневарски способности. Дека се нудеше во разновидни верзии со повеќе конфигурации со различни меѓуоскини растојанија вклучувајќи и изведби со погон на сите тркала, не треба да се споменува. Накратко кажано, оваа генерација камиони одиграа важна улога во еволуцијата на германската индустрија на комерцијални возила.

Автобусот пак иако не остави толку длабока трага како камионот, е значаен по тоа што е првиот автобус на Mercedes развиен засебно, а не на камионска основа иако имаа многу заеднички компоненти. Имаше две верзии, со долг нос и мотор напред и краток преден дел и мотор назад која за тоа време располагаше со доста елегантна каросеријата. Можеше да се добие во изведби за градски превоз (со две врати, 27 или 29 седишта и 14 места за стоење), меѓуградски превоз (со една преклопна врата, 37 или 41 плус 8 или 9 помошни седишта) и за туристички превоз со полуксузно опремен ентериер со сончев покрив и на врвот заоблени странични стакла. Производството му беше далеку поскромно отколку на камионот, но задоволството на купувачите (секако и на патниците) дури и поголемо. За тоа придонесуваа и максималната брзина од скоро 90 километри на час, ослонувањето кое не ги пренесуваше ударите од дупките на патот и релативната економичност. На основа на овој автобус кој си најде свое место и на улиците на неколку големи градови во странство како Истанбул и Техеран, беше направен и тролејбус.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *