Легендарниот теренец од првиот ден претставуваше симбол на моќ и способност
» На овој модел едноставно мора да му се честита – неговите четири ипол децении постоење се обележени со фасцинираност на сите кои го имаат возено и на оние кои сонуваат за него. Култниот теренец се појави во 1979 година во облик каков и денес го знаеме и веднаш на виделина му излегоа извонредните теренски способности. На светската премиера која се одржа во Тулон, Франција, претставниците на Mercedes пред новинарите излегоа со описни атрибути како „бескомпромисни теренски и патни способности спакувани во едно“, а не заборавија да ја споменат и неговата максимална разновидност во користењето. Такви изјави денес редовно среќаваме, но тогаш навистина значеа тоа. Со текот на годините Mercedes континуирано ја еволуираше коцкастата G-класа која од корисно теренско возило стигна до исклучителен претставник на високиот луксуз, обезбедувајќи со ништо да не заостанува зад конкуренцијата, ако воопшто ја имаше.
Историјата на G-класата која се произведува во Грац започна во 1969 година, кога Daimler и Steyr-Puch започнаа да ги истражуваат можностите за меѓусебна соработка. Двете компании од својот асортиман понудија идеи за возило со извонредни теренски капацитети, Германците од Unimog а Австријците од Haflinger и Pinzgauer. Две години им требаше за да ги дефинираат, а во 1972-рата соработката и официјално започна. Целта беше во едно возило да се искомбинираат екстремните теренски способности и одличното снаоѓање на асфалт. Неговиот развој силовито напредуваше и првата макета направена од дрво беше готова во 1973-тата. Една година потоа веќе се започна со тестирање на прототипите, чиј изглед доста рано во развојната фаза ги доби скоро конечните облици. Тие во целост беа подредени на технички дефинираните барања, како што се нападните и излезните агли, големата височина на возилото и релативно малата вкупна широчина.
G-класата беше лансирана како универзално теренско возило со рустикален ентериер, но затоа големо внимание беше посветено на погонската механика. Уште од самиот почеток Mercedes во Австрија ги испорачува основните компоненти – моторите, оските, управувачките системи и големите делови. Погонот на сите четири тркала со стоотстотна блокада на диференцијалите обезбедуваше оптимални теренски способности, доведувајќи ја G-класата на ниво на феномен. На почетокот се произведуваше во пет различни каросериски варијанти, со избор од три мотори. Освен иницијалните способности, клучен за трајниот успех се покажа континуираниот напредок видлив од година во година. Затоа G-класата и денес продолжува да ги совладува сите предизвици.