Темел на бројни иновации
» Она што пред три и кусур децении се чинеше утописки, набрзо стана стандардна опрема кај многу автомобили. Доста од тие технологии покажа истражувачкото возило на Mercedes со ознака F 100 претставено на јавноста во јануари 1991 година на меѓународниот салон на автомобилите во Детроит. Тоа пред сé се однесува на пасивната и активната безбедност, олеснетото ракување со возилото и користењето на расположливиот простор.
Бројни примери покажуваат колку инженерите внимателно и темелно ги имаат истражено можностите за практична примена на своите иновации. На пример ксенонските светла се претставени 1995-та во W 210 Е-класата, препознавањето на глас во W 140 S-класата а сензорот за дожд за C 140 CL купето наредната година. Управувањето со телефонот со копчиња на воланот беше имплементирано во 1998 година во W 220 S-класата, која наредната година доби чип картичката наместо клуч а луксузното купе C 215 CL пак систем за надзор на притисокот во пневматиците. Во тоа време и погонот на предните тркала за Mercedes беше необичен, но во 1997 година заедно со сендвич конструкцијата на подот тој беше имплементиран во W 168 A-класата. Во понатамошниот развој на погонските склопови беа земени предвид и технологиите од F 100, вклучително и моторот со внатрешно согорување задвижуван од водород.
Во внатрешноста позицијата на возачот беше на средина на возилото како најбезбедно место, а совозачките седишта лево и десно од него беа поместени наназад за да бидат повеќе одвоени од инструмент таблата, повторно заради поголема безбедност. Сите четири врати ги затвораа серво мотори а на екранот зад управувачот во видното поле на возачот се појавуваа информации групирани според приоритетите. При патувања на отворен пат на пример тоа беа брзината и предупредувањата кои укажуваат на непосредните опасности. Нив ги испраќаа бројните електронски системи, како контролата на оддалеченоста од возилото напред, камерата за возење наназад и системот за предупредување за возило во мртвите агли.
Со овој проект Mercedes воспостави и традиција на подготовка на истражувачки возила одбележани со буквата F во ознаката – низата започна со F 200 Imagination (1996) а ја продолжија F 300 Life Jet (1997), F 400 Carving (2002), F 500 Mind (2003), F 600 Hygenius (2005), F 700 (2007), F 800 Style (2010), F 125! (2011), F 015 Luxury in Motion (2015)…