Револуција која заврши уште пред да започне
» Во својата долга историја Mercedes имал многу напредни концепти. Еден од нив е и C111 кој имаше за задача да започне револуција со својата ванкел технологија. Посебно фасцинира неговата втора итерација претставена 1970 година на салонот на автомобилите во Женева, опремена со четириклипен ротационен мотор со зафатнина од 4×602 cm³ кој испорачуваше 350 KS. Во тоа време и Mercedes иднината ја гледаше во ванкел моторите заради што овој концепт беше нешто посебно. Со својата височина од само 1.120 милиметри како да навестуваше дека може да стигне до фасцинантни 300 km/h.
Развиен е на основа на својот претходник кој исто така имаше ванкел мотор но со три комори. Дизајнерски освојуваше со современа и спортска естетика, делувајќи како нешто сосема поинакво за тоа време. Аеродинамиката му беше на завидно ниво, а ентериерот футуристички но прикладен за секојдневна употреба. Накратко, C111 претставуваше врвно дело и веднаш предизвика интерес. За тоа придонесе и одлуката на раководството на компанијата во Женева да донесат два прототипа од вкупно тогаш петте направени – еден кој беше изложен а вториот кој на една тркачка патека во близина пред новинарите ги покажуваше своите можности. Значајно е и тоа што овој концепт беше првиот автомобил во светот целосно конструиран со помош на компјутер – дигиталната технологија која овозможуваше пресметување и на динамичките оптоварувања го скрати развојниот период за околу четири месеци.
Но Mercedes брзо сфати дека ванкел технологијата предизвикува многу проблеми заради што со идните прототипи на C111 експериментираше со дизел мотори.