Силен и ефикасен
» За некого ќе биде срамота да каже дека се вози со четирицилиндричен Mercedes AMG SL, но не и ако се работи за најновиот со ознаката SL 43 – меѓу неговите иновативни технологии е и електричниот турбо компресор изведен директно од формула 1, кој за прв пат се најде во сериски автомобил. Тој гарантира посебно спонтан одговор на дволитарскиот мотор во целото подрачје на работа, нудејќи уште подинамично искуство во возењето. Не е заборавено да се спомене и дека се зголемува ефикасноста на погонскиот систем. Неговиот електромотор со пречник од околу четири сантиметри е интегриран на оската на турбо компресорот меѓу роторот на турбината на издувната страна и роторот на компресорот на всисната страна. Електронски е контролиран и директно ја задвижува оската на компресорот забрзувајќи ја пред тоа да го сторат издувните гасови. Целиот склоп се врти до 170.000 пати во минута и е приклучен на системот за ладење на моторот.
Благодарение на ова, моторот на Mercedes-AMG SL 43 развива 381 коњска сила, на кои 48-волтниот благ хибриден систем додава уште 14. Со нив SL 43 ќе забрза до 100 km/h за 4,9 секунди и ќе постигне максимални 275 km/h, електронски лимитирани. Останатото е презедено од помоќните браќа, а колку ќе чини ова задоволство не е познато.