Прв плаг-ин хибрид на Mazda
» Започнатата ренесанса на марката, Mazda ја продолжува со SUV за кој велат дека им е најважен новитет во последните 10 години. Новата номенклатура која му донесе ознака CX-60 не е случајна – со неа се нагласува преминувањето на производителот во високото друштво. Иако со атрактивен изглед, дизајнерски нема некои изненадувања – применета е најновата итерација на кодо дизајнот чија елеганција ја претставува мирната и достоинствена убавина на празниот простор. Јапонската филозофија е применета и во внатрешноста чии елементи мешаат различни материјали и текстури. Ако пак целиот пакет го погледнеме со обични очи, ќе видиме складно возило со премиум акцент, за број поголемо од CX-5, кое зрачи со претставителност и моќ.
Таа се добива од првиот плаг-ин хибриден систем вграден во некоја Mazda чија основа е Skyactiv-G 2,5 литарскиот атмосферски бензинец кој комбиниран со електромотор дава вкупно 327 KS кои го прават најмоќниот модел што го имаат направено. Вградената батерија од 17,8 kWh овозможува автономија од 63 km, но максималната брзина на електричен погон е ограничена на 100 km/h. Менувачот е нов, автоматски со 8 степени на пренос, а погонот на сите четири тркала постојан. Во понуда се и два шестцилиндрични благи хибридни мотори, 3,0 литарски бензинец и 3,3 литарски дизел. Од Mazda велат дека покрај во багажникот од 570 литри, многу простор има и за патниците назад. На возачот на располагање му се дигитален кокпит, поголем head-up екран и нов систем на персонализација кој го препознава и автоматски ги прилагодува за него седиштето, управувачот, ретровизорите, аудио системот и клима уредот. Почетната цена во Германија е 47.390 евра.