На бензин и на струја
» Три години после престанувањето на производството на GranTurismo, Maserati го пополни неговото место со модел кој го носи истото име. Ако прашате зошто се чекаше толку и зошто од компанијата неволно ги споменуваат зборовите ‘нова генерација’, ќе добиете одговор дека овој проект произлезе од концептот Alfieri претставен уште во 2014 година. Имаше тешка судбина, плановите повеќе пати беа ревидирани, но сега сето тоа е зад нас. Ова купе кое ги комбинира високите перформанси типични за спортските автомобили со комфор прикладен и за подолги патувања ја води марката напред во иднината – тој е првиот автомобил во нејзината 75-годишна приказна кој има електричен погон.
Од естетска гледна точка GranTurismo претставува идеална рамнотежа меѓу елегантната убавина и спортската агресивност. Единствените и веднаш препознатливи линии на неговиот префинет дизајн му даваат чист облик со задржување на класичните пропорции типични за марката – долг поклопец на моторот и линија на покривот кој динамично се спушта нагласувајќи ја закривеноста на столбот на кој се наоѓа легендарниот тризабец. Maserati не сакаше да го демистификува ентериерот и место фотографија ни раскажа каков ќе биде. Ние нема да ве малтретираме со бројот на екраните што ќе ги има, туку ќе кажеме уште збор-два (или три) за механиката.
GranTurismo почива на нова платформа во која легурите на алуминиумот и магнезиумот се употребени во 65% од структурата на каросеријата која крие две погонски групи. Бензинската го има трилитарскиот битурбо V6 со 490 и 550 коњи кои преку осумстепена автоматика се пренесуваат на сите четири тркала. Половина од цилиндрите се исклучуваат кога не е потребна полна сила, а со сите во функција се постигнуваат забрзување до сто за 3,5 секунди и максимални 320 km/h. Суфиксот Folgore крие електричен погон со трилинг електромотори – еден напред и два назад. Сите се засебно контролирани, а секој поединечно има по 408 коњски сили. Заедно пак исфрлаат 760 коњи, а батериите распределени практично низ целиот автомобил работат на 800 волти. Колку километри ќе издржат не е обелоденето, но динамичните параметри се – најголемата брзина изнесува 320 km/h, а до првите сто ќе забрза за само 2,7 секунди.
Почетокот на продажбата е најавен за стартот на 2023 година, по цени кои се очекува да се движат од 150 илјади евра за основната бензинска и најмалку 200 илјади за електричната верзија.