Екстремно до ѓаволски височини
» Или барем до врвот на Пајкс Пик, до каде Lamborghini Urus Performante постави нов рекорд за SUV возила, за скоро 18 секунди подобар од оној на Bentayga. А што направија инженерите од Сант’Агата Болоњезе за тоа? Едноставно ги употребија своите вештини и знаење и го подигнаа скалилото на спортскиот карактер и перформансите на докажаниот SUV-атлет, задржувајќи ја неговата луксузна сестраност и нудејќи врвно задоволство во возењето. За него главниот технички директор на италијанската марка ќе каже дека мускулестиот став, препознатливиот дизајн, V8 твин турбо склопот и лесниот спортски издувен систем го прават низ вид, звук и искуство највозбудлив натпреварувач на секој пат или тркачка патека, па дури и надвор од асфалт.
Неговите мерила за динамичност изразени низ бројки се зголемената моќност за 16 коњски сили на вкупно 666 KS и намалената тежина за 47 kg. Ќе испринта до 100 km/h за само 3,3 секунди и нема да запре сé до 306 km/h, а ако мора да запре од 100 km за тоа ќе му требаат 32,9 метри. Подобрени се аеродинамиката, распределбата на вртежниот момент, ослонувањето кое сега е пониско за 20 милиметри и системот за управување. На веќе познатите но е рекалибрирани режими на возење е додаден уште еден наречен Rally, кој овозможува поголема забава во возење на земјени патеки. Првите испораки се предвидени за крајот на годинава, за оние кои ќе искешираат 218.487 евра, 170.260 фунти, 260.676 долари или 3.297.290 јуани.