Икона на марката од првиот ден
» Името Diablo и денес звучи моќно – ова е приказната за него која започна да се пишува 1985 година под називот Progetto 132. Со него Италијанците го планираа наследникот на легендарниот Countach. Проектот имаше чисти и агресивни линии, дело на маестро Марчело Гандини, кои дизајнерскиот центар на Chrysler кој во меѓувреме стана сопственик на Lamborghini, замислете, ги корегираше. Каков и да испадна, овој еден од најпознатите модели во историјата на суперспортските автомобили се најде на пазарот во јануари 1990 година, освојувајќи ги срцата на обожавателите од првиот ден.
Способен за 325 km/h, тој тогаш беше најбрзиот сериски автомобил во светот. Неговото импресивно динамично однесување беше резултат на интензивна развојна работа. Имаше класична конструкција со 12-цилиндричен мотор од 5,7 литри сместен назад, со четири брегасти оски и електронско вбризгување во повеќе точки, што му донесе 485 KS и 580 Nm кои се испраќа само на задните тркала. Иако беше луксузно обработен, со кожена внатрешност, клима уред, електрично задвижувани стакла и исто електрично подесливи седишта, Diablo сепак беше вистински спортист кој до 1993 година немаше никакви електронски помагала во возењето или серво управувач.
Таа година Lamborghini го лансираше Diablo VT, првиот свој модел со погон на сите четири тркала, придружен со низа механички подобрувања и стилски промени кои наскоро ќе бидат имплементирани и на обичната верзија. Беше претставена и посебната SE30 серија по повод на 30-годишнината од почетокот на работата на компанијата, која имаше 525 KS. На салонот на автомобилите во Женева 1995 година дебитираше поспортски настроениот Diablo SV кој имаше погон само на задните тркала, подесливо задно крило и максимални 520 KS. Во декември истата година следеше родстер верзијата, која беше првиот Lamborghini со 12 цилиндари без покрив.
Откако италијанскиот производител во 1998-мата прејде под капата на Audi, наредната година пристигна темелно освежениот Diablo SV чии линии беа креирани од Лук Донкерволке. Следеа VT и родстерот, со чие ревидирање беа испратени јасни знаци за модернизацијата што го зафати и моторот кој опремен со систем за променливо подигнување на вентилите имаше 530 KS и 605 Nm. Тогаш некој Lamborghini за прв пат доби и ABS.
Diablo беше претставен и во посебни серии, некои и со шестлитарски мотори со 590 KS кои постигнуваа 348 km/h. Пред Murcielago да го наследи во 2001 година од него вкупно беа пласирани 2.903 единици.