Струјата напред, останатите стој!
» Подготвувајќи се за засилената електрификација, групата Hyundai ќе го преполови бројот на моделите со мотори со внатрешно согорување. Раководството на јужнокорејскиот производител веќе го има одобрено планот, но засега не е познато во кој период тој ќе се реализира. Она што е познато е дека во наредните шест месеци компанијата ќе ја финализира својата електрична стратегија, со која најверојатно ќе биде опфатен и планот за намалување на класичната понуда. Причината зошто се прави ова во време кога возилата со конвенционални мотори сé уште добро се продаваат е да се ослободат ресурси за развој и истражување кои би биле насочени кон електромоторите, батериите и горивните ќелии.
Групата под чија капа се Hyundai, Kia и Genesis очекува да продаде милион електрични возила до 2025 година, а некои информации велат дека до 2040-тата целосно ќе се префрлат на електриката.