Електрика место спорт
» Само шест години откако како снабдувач на мотори се врати во најбрзиот циркус, Honda најави дека на крајот на идната сезона 2021-ва ќе се повлече од формула 1 за да подобро се фокусира на истражување и развој на горивните ќелии и електричните возила како дел од нивниот план за постигнување на карбон-неутралност до 2050 година. Во моментов е нејасно кој снабдувач на мотори ќе ја замени Honda во Red Bull и Alpha Tauri, кои имаат само три опции – Mercedes-AMG, Ferrari и Renault, кој во моментов е најверојатен добавувач за двата тима. Од австрискиот тим реагираа џентлменски и иако изразија разочараност што не можат во иднина да сметаат на техниката на јапонскиот производител, сепак му се заблагодарија што ги направил горди овозможувајќи им 5 победи и 15 подиуми.
Honda се врати во формула 1 во 2015 година како снабдувач на мотори на McLaren. Комбинацијата не беше успешна и нивното партнерство заврши по три сезони, после кои Јапонците потпишаа договор со Alpha Tauri, кој тогаш се викаше Toro Rosso. По една година се склучи договор и со Red Bull. За потсетување, 2021-вата е последната година во која ќе важат тековните технички прописи во формула 1.