Три концепти кои му претходеа на серискиот Golf
» Golf од првата генерација беше претставен на 29 март 1974 година, но Volkswagen долго пред тоа бараше замена за Буба. Сепак ниту еден од предлозите не беше доволно добар за да ја наследи легендата, сé до крајот на 1960-тите кога работите сериозно се вжештија. Тогаш практично заедно беа развиени два прототипа, еден од Porsche, другиот интерен. Концептот на Porsche имаше ознака EA 266 и водено ладен реден четирицилиндричен мотор монтиран надолжно под задната клупа. Но токму ова необично техничко решение за еден мал хечбек создаваше доста проблеми – моторот се прегреваше, кабината се исполнуваше со чад, а автомобилот беше прилично бучен и нестабилен на влажни патишта. Плус на тоа одржувањето и поправките беа проблематични, но во секој случај беше прескап за производство. Но покрај сé за него сериозно се размислуваше и пред конечно проектот да биде отфрлен беа направени педесетина примероци.
Вториот концепт EA 276 и конструктивно и дизајнерски беше сосема поинаков. Технички беше напреден но имаше воздушно ладен боксер мотор од Буба сместен напред и погон на предните тркала. Од него беше направен само еден примерок, а ни тој не беше целосно функционален. И овој проект брзо беше напуштен за да се работи на третиот, практично финален концепт EA 337 од кој ќе се изроди серискиот Golf. Тој ја имаше погонската технологија од Audi што го правеше најмодерен од сите дотогашни идеи. Дизајнот му беше доверен на Џуџаро, кој нацрта автомобил со кутиеста форма и рамни површини. Во согласност со тоа беа и четвртастите светла кои Volkswagen ги исфрли затоа што тркалезните беа поевтини за производство. Другите корекции ги вклучуваа мигавците кои од крилата се преселија во браникот и поинаквите рачки на вратите. Понатаму сé е добро позната историја.