Куферите останаа неспакувани
» Сепак, само некој ден пред почетокот на салонот, од организаторот стигна непријатна вест – се откажува! Причините кои добро ги знаете, владеат и ден-денес и затоа ниту годинешната Женева нема да се одржи. Мала надеж дека нешто може да се смени доживеавме летово, откако фондацијата што го организира салонот на автомобилите во Женева се откажа од манифестацијата за 2021 година, се огласи сопственикот на изложбениот простор дека салон во Женева сепак треба да има. Вртлогот на проблемите, пред сé финансиски, во кои западна организаторот на салонот на автомобилите во Женева, предизвика лавина настани кои го спречија неговото организирање во 2021 година. И не само тоа – во прашање е доведено неговото постоење во иднина.
Една од солуциите да се избегне тој после 115 години да замине во историјата е компанијата што го поседува женевското сајмиште Palexpo да ги откупи правата за организирање на манифестацијата. Иако постои реална можност за ова, сепак капиталистичкиот начин на размислување бара долго време за анализирање, донесување одлука и нејзино имплементирање. Но, за да не се загуби континуитетот откако и официјално Geneva Motor Show 2021 беше откажан, Palexpo се огласи со свое мислење. А тоа беше оптимистичко во секој поглед, бидејќи тие сметаат дека манифестација во 2021 требаше да има.
Конкретно, Palexpo се нафаќаше сам да организира заменска манифестација на својот простор сметајќи дека временската дупка до 2022 година ќе биде преголема и ќе проголта сé што досега за овој повеќе од еден век трпеливо е градено. Водејќи се со ваквата, мора да признаеме исправна бизнис логика, тие се сметаа подготвени да инвестираат околу 15 милиони франци колку што чини организацијата на еден ваков настан и покрај ризикот на него да не се појават бројни традиционални изложувачи. А бидејќи тие тогаш веќе го имаа изразено своето мислење дека планираат да го прескокнат Geneva Motor Show 2021, од Palexpo очекуваа дека најмногу што ќе можат да постигнат е тој да биде за 35 отсто помал од досега. Водејќи се од логиката подобро е да биде помал отколку воопшто да го нема, пореалните анализи на Palexpo велат дека ќе биде одличен успех ако успеат да пополнат 40 илјади квадратни метри.
Но, и тоа падна во вода, така што женевскиот салон на автомобилите кој е главна манифестација која се одржува на просторот на Palexpo зафаќајќи повеќе од сто илјади квадратни метри изложбен простор и која носи 200 милиони франци приходи на градот во чија сопственост се 80 отсто од Palexpo, и годинава нема да има ниту во редовно, ниту во заменско издание. Сите надежи се полагаат во 2022-рата.