Tags: , , , ,
Mercedes 500E – Волк во смокинг (2*видео + фото-галерија)

Уникатен резултат од уникатната соработка

» Ерата на легендарната W124 лимузина на Mercedes ја има одбележано еден посебен модел – ултимативниот 500Е за кој секој вистински љубител на автомобили добро знае и кој и ден-денес е баран и на цена. Овој V8 автомобил со своите линии и вечна свежина кои му ги дава ‘цивилниот’ надворешен изглед во целост ги крие перформансите кои заеднички ги спакуваа Mercedes и Porsche.

Приказната за него започнува со појавувањето на 124 серијата со која одговорните во Mercedes имаа намера да го подигнат нивото на своите лимузини едно скалило повисоко. Моделот требаше да изгледа како  и сите други од серијата, со целиот можен комфор, но да нуди високи перформанси какви никогаш пред тоа не беа видени во оваа класа. Тоа подразбираше вградување на V8 мотор, во конкретниот случај презеден од 500 SL. Но за него предниот дел на каросеријата мораше да биде преработен за да се обезбеди поголем проток на воздух за неговото ладење. Така возилото доби за 56 милиметри поголема ширина што пак предизвика друг проблем – производствената линија на Mercedes каде се правеше серијата 124 беше премала, а измената на опремата не би се исплатела. Плус на тоа и капацитетите беа пополнети. Решението се побара во непосредното соседство – кај Porsche.

Во декември 1987 година двете компании се договорија за развој и производство на моделот. Ова за Porsche значеше своевиден спас бидејќи компанијата се соочуваше со криза заради опаѓањето на приходите од извоз и намалувањето на производството, заради и што скоро сите клучни показатели за успешноста беа негативни. Porsche ги преработи и подеси шасијата, погонскиот систем и сопирачките до совршенство за да се обезбеди потребната леснотија во возењето и истовремено да се контролира силата на 5-литарскиот четиривентилски мотор со 326 KS и максимален вртежен момент од 480 Nm. Спарен со четиристепен автоматски менувач тој му даваше величествени перформанси – спринт до 100 km/h за само 6,1 секунди и најголема брзина електронски ограничена на 250 km/h.

Ненаметливата но ѕверски моќна лимузина Германците официјално ја претставија на салонот на автомобилите во Париз 1990 година. Постапката за нејзино производство јасно беше дефинирана.  Деловите од каросеријата прво беа испраќани од фабриката на Mercedes кај Porsche каде рачно се монтираа. Каросериите потоа беа враќани назад на лакирање, а после тоа повторно испраќани кај Porsche на финална монтажа и вградување на моторот. На крајот готовите возила беа транспортирани во централата на Mercedes за контрола и испорака. Целиот овој процес траеше 18 дена. На почетокот се правеа по десет возила дневно, но заради побарувачката после кратко време бројката беше удвоена. Соработката меѓу Mercedes и Porsche функционираше исклучително коректно, темелејќи се на големата желба за успех.

А тој не изостана – и покрај високата цена од 134.520 германски марки, до 1995 година беа продадени точно 10.479 примероци од култната лимузина, од кои последните 500 реименувани во Е 500 и пласирани како специјална серија.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *