Го гледате како Ford, ама тој е нешто сосема друго
» Сместен во гамата меѓу EcoSport и Kuga, кросоверот на Ford со назив Territory цели кон купувачите на кои им се битни и цената и содржината, но само на оние во Кина, југоисточна Азија и Јужна Америка. Долг е 4,58 широк 1,94 метри и опремен со 1,5 литарски турбо мотор кој во зависност од земјата каде се продава има 140, 143 или 150 коњски сили. Спарен е со CVT трансмисија која симулира осумстепен менувач и има погон само на предните тркала, а во Кина може да се добие и со блага хибридна поддршка. Опремата му е повеќе од солидна – електричен панорамски покрив, камери со поглед од 360°, загревани и вентилирани седишта, безжично полнење телефони, адаптивен Stop&Go темпомат, автоматско паркирање…
И пред да прашате дали ќе дојде и во Европа, одговорот е – да, можно е, ама како Jiangling Yusheng 330 (на сликата десно), бидејќи Territory во основа е подобрена и ребрендирана верзија на овој модел. Го има развиено кинескиот партнер на Ford, Jiangling Motors Corporation, како вели, почитувајќи ги интернационалните стандарди на Ford. Мало потсетување: Jiangling Motors Corporation, интернационално познат како JMC, е првиот кинески производител кој се обиде да ги освои европските купувачи – уште во 2005 година. Но заради краш-тестот на ADAC на кој освои нула ѕвездички (погледнете го видеото), кариерата на моделот Landwind X6, дериват на Isuzu Rodeo односно Opel Frontera, заврши уште пред да започне.
Цената на Ford Territory во Бразил стартува од 31.000 долари, во Аргентина од 41.600, а во Кина од 15.800 долари. Jiangling Yusheng 330 е за околу десет отсто поевтин.