Нов стил и подобрена техника
» Јасно покажувајќи дека возилата од Б-сегментот сé уште се доста популарни и дека постои потреба од понатамошни подобрувања, Ford ја претстави обновената Fiesta. Иако некои од стилските елементи веќе се видени, тие доста добро се вклопени во сериозниот изглед на субкомпактниот модел давајќи му го потребното освежување. Логото на Ford е преместено и сега се наоѓа на маската која е поголема, заради што хаубата е редизајнирана и нешто повисока. Во нов стил се и предните светла кои стандардно се во ЛЕД технологија, додека задните кои добија темни рамки изгледаат поелегантно.
Во внатрешноста на патниците ќе им биде поугодно бидејќи имаат ревидирани седишта и инфо-забавен систем со поголеми можности за поврзување, а на возачот попријатно зад управувачот заради дигиталната контролна табла. Унапредена се и сигурносните системи кои сега опфаќаат и такви нешта како што се предупредувањата за локални опасности и за влегување во погрешна насока во сообраќајот. Ревидирана е и понудата погонски агрегати која се состои од 1,0 литарски EcoBoost со 100 KS и две негови благи 48-волтни хибридни верзии со 125 и 155 KS, кои покрај со 6-степениот мануелен менувач се достапни и со 7-степениот PowerShift со двојна спојка кој значително придонесува за ефикасноста во градско возење и динамиката при престигнување кога се потребни максимални забрзувања. Најмногу сепак ќе се израдуваат оние кои ќе ја одберат Fiesta ST, бидејќи иако нејзиниот 1,5 литарски мотор ги задржа истите 200 коњи, вртежниот момент му е зголемен од 290 на 320 Nm, а ревидиран е и системот за ослонување.
Цените на обновената Fiesta сé уште не се објавени, а првите примероци ќе бидат испорачани пред крајот на годинава.