Конечно!
» После години двоумење, долго време најавување и уште подолго очекување, Ford конечно го лансираше новиот Bronco. Овој модел изворно се појави во 1966-тата и преку своите пет генерации остана во понудата на Ford три децении, пред да биде заменет со гломазните Expedition и Excursion. Американците негодуваа, ама Ford само ги следеше трендовите на пазарот. Името Bronco сепак остана врежано во автомобилската историјата, не само на Новиот континент. Но времињата полека се менуваа и во Ford сфатија дека не требаше да го пензионираат Bronco. Затоа и пред четири години јавно објавија дека ќе подготват негов наследник. На него работеа долго, умно планирајќи го секој детаљ. Резултатот е ретро-реинкарнација на оригиналот, спакуван во современо издание.
Согласно побарувачката на пазарот, тој доаѓа во две каросериски верзии – стандардната двовратна и за прв пат во историјата на моделот во продолжена изведба со четири врати. Некои тоа ќе го сфатат како светогрдие бидејќи Bronco отсекогаш бил краток теренец со две врати, но од Ford велат дека не им е битна модата, туку функционалноста. А во тој поглед, новиот Bronco дефинитивно има добар потенцијал. Клиренсот му изнесува скоро 30 сантиметри, поминува низ вода длабока до 85 cm, а солидно големи се и максималните нападни и излезни агли.
За задвижување се предвидени два мотора – 2,3 литарскиот EcoBoost со 270 и 2,7 литарскиот V6 со 310 KS. За помалиот мотор стандарден е 7-степен мануелен менувач со редукција, додека посилниот доаѓа со 10-степена автоматика. Иако 4×4 погонот се подразбира, тој доаѓа во две изведби – првата колку да го има, а втората значително покомплексна и поспособна, со седум режими на работа прилагодени на сите терени. Интересна за носталгичарите ќе биде и изведбата на Bronco кај која вратите можат едноставно да се симнат и во посебни вреќи за нив складираат во багажниот простор.
Дизајнот на внатрешноста сепак не е носталгичен. Опремата е модерна и првокласна, а целиот ентериер е обложен со водонепропустливи материјали. Плус на тоа има и отвор за одвод на водата во подот. На списокот опрема се наоѓаат и такви нешта како што се инфо-забавниот систем со екран од 12 инчи, off-road камери, дополнителни ЛЕД светла, специјално Bilstein ослонување и друго. И најинтересното – новиот Bronco во САД тргна во продажба со цена од само 26.820 долари. Засега не е јасна неговата интернационална кариера, но сигурно ќе ја има.