Еден од најуспешните италијански автомобили на сите времиња
» Ретко кој жалеше кога во 1983 година дојде време Fiat 127 да се пензионира, бидејќи неговиот наследник Uno беше вистинска бонбона. Како што доликува, кариерата ја започна освојувајќи ја европската титула „Автомобил на годината“ која беше само најава за неговиот огромен успех. Дизајниран од Џорџето Џуџаро, тој беше доста современ автомобил за своето доба, со коефициент на отпор на воздухот од само 0,33. Беше лансиран со нам добро познатите мотори од 903, 1.116 и 1.301 cm³ со 45, 55 и 72 KS, на кои набргу им се придружи лошиот 1,3 литарски дизел со 46 KS. Голем напредок беше направен при крајот на 1985-тата кога во него започна да се вградува генијалниот Fire мотор, а Uno ќе остане запаметен и по експлозивната Turbo верзија со 105 коњски сили.
Во Италија се произведуваше во две серии – првата до 1989-та, а втората до ’95-тата, две години после појавувањето на неговиот наследник Punto. Во Југославија се произведуваше до 1994-тата, во Турција до 2000-тата, а во Полска до 2002 година. Својата кариера Uno ја продолжи во Бразил и Јужна Африка, каде последните примероци излегоа од фабричките хали во 2014 година. Освен во наведените земји се произведуваше уште и во Мароко, Аргентина, Индија, Филипини и Пакистан. Во текот на својата 31-годишна верна служба, Fiat Uno стигна до 9,5 милиони купувачи.