Директорски автомобил
» Zastava 1300 во 1960-тите на овие простори беше автомобил од соништата и лимузина за почит. Во споредба со повеќето автомобили кои тогаш се тркалаа по патиштата, од Фиќо, Renault 4 и Volkswagen Буба до Ford Taunus и Opel Rekord, тој беше атрактивно дизајниран, темпераментен, простран и скоро луксузен. Во Крагуевац започна да се произведува при крајот на 1961-вата, половина година по претставувањето и опстана сé до 1979-тата, три пати подолго од оригиналот. Беше солиден автомобил кој додуша често се расипуваше, ама и евтино се поправаше. Трошеше многу, 10 до 12 литри, при побрзо возење и повеќе, ама бензинот за него главно друг го плаќаше – тогаш кога и Фиќо на многумина им беше недостижен, 1300 се сметаше за репрезентативна лимузина наменета за директорите на посолидните претпријатија и функционерите од поситен ранг. Поважните луѓе возеа црни Mercedes лимузини, заради што 1300 беше нарекуван југословенски Mercedes.
Приказната за него започнува при крајот на 1950-тите, кога стана нужно да се заменат поголемите модели од серијата 1400 и нејзиниот дериват 1900, која претставена десетина години порано повеќе не држеше чекор со новите трендови. И додека одличните продажни резултати на малите модели им даваа ветер во грб на торинската компанија, прво во 1959-тата беше претставена шестцилиндричната серија 1800/2100, а две години потоа дупката меѓу нив и популарниот 1100 беше пополнета со новоразвиените 1300 и 1500, чии габарити (4.030×1.545×1.365 mm со меѓуоскино растојание од 2.425 mm) за тогашните поими ги сместуваа во средната класа. Современиот дизајн скроен во сопственото студио силно се ослонуваше на Chevrolet Corvair, а аеродинамиката (0,48!) тогаш не беше во прв план. Пространоста на кабината ја намалуваше големиот надолжен тунел за карданското вратило, но затоа рачката на четиристепениот менувач беше на воланот – дури кај Zastava 1300 од ’72-ра беше префрлена на подот.
Освен поголемиот мотор, битни разлика меѓу 1300 и 1500 на почетокот немаше, но три години подоцна посилниот модел доби за осум сантиметри растегнато меѓуоскино растојание, пар визуелни разлики од кои најзабележителни беа поинаквите задни светла и нова ознака – 1500 C. Што се однесува до моторот, Milletrecento како што е називот на моделот на италијански, донесе интересни технолошки доработки. Најголемата е во попречната измена на гасовите – издувната гранка е на спротивната страна на моторот од всисната, што е одлика на сите современи агрегати. Со тоа беше овозможено зголемување на брзината на вртење и силата без опасност од прегрејување. Така иако беше задржана старата конструкција со три лежишта на коленестото вратило и брегаста оска во блокот, перформансите на 1300 за тоа доба беа импресивни. Концепцијата на самото возило беше класична, со надолжно напред поставен мотор и погон на задната оска преку крут мост. Основниот мотор од 1.295 cm³ развиваше 65 KS при 5.200 вртежи во минута, а кај 1500 со зголемување на пречникот на цилиндрите работната зафатнина нарасна на 1.481 cm³ а силата прво на 72 а потоа на 75 KS според SAE нормите, додека мерењата по DIN покажаа 60 односно 70 KS. Сепак и тоа беше уверливо – 1300 стигаше до 140 km/h, а посилниот 1500 и до преку 150 km/h. Возилото имаше и предни дискови, што беше исклучително напредно решение за тоа време и таа класа.
Од самиот почеток се нудеше и караванска верзија, која кај југословенскиот модел се појави во 1970-тата но поинаква, со заден дел презеден од поновиот 124. Останатите варијанти беа препуштени на каросеристите кои направија дузина уникатни или малосериски модели. Siata пак ги доработуваше лимузините со мотор набилдан на 94 KS чија максимална брзина изнесуваше импресивни 180 km/h. Fiat 1500 се произведуваше и во Германија од страна на NSU Fiat Neckar, а во Аргентина доби и пикап верзија со изменет преден дел со единечни светла. Интересен факт е дека Zastava 1300 се монтираше и во Колумбија. Сепак и покрај добрата продажба, Fiat доста рано одлучи да започне со замена на овој модел – верзијата 1300 во 1966-тата ја наследи 124, а 1500 една година подоцна 125. Но 1300 продолжи да живее, меѓу другото и како техничка основа за Polski Fiat 125p кој всушност беше стариот 1300 со каросерија од новиот 125. Овој модел се монтираше и во Крагуевац, под ознаката 125pz. Без нив, вкупно низ светот беа произведени околу 1,9 милиони примероци од Fiat/Zastava 1300/1500.
Денес освен кај нас и нешто помалку во Аргентина, Milletrecento е скоро заборавен автомобил кој ретко се среќава и кој се смета за конфекциски модел на Fiat. Сепак станува збор за интересен олдтајмер кој својот култен статус на просторите на Југославија го има стекнато по својата значајна улога за развојот на моторизацијата на земјата.