Едноставно тера на грешни мисли…
» Само што почнавме, веќе згрешивме – Ferrari BR20 едноставно тера на грешни мисли… Кога е овој автомобил во прашање не можеме да зборуваме во множина бидејќи е еден единствен и ќе остане само еден. Најнов е во серијата уникатни автомобили од Маранело направени по порачка – чија, не се знае. Не се знае ни што значат буквите BR или бројката 20 во ознаката нити пак колку е платено за него, но се знае дека води потекло од GTC4 Lusso. Неговата 2+2 каросерија изведена во shooting brake стил и прекроена по мерка и желба на неговиот сопственик сега го нема кутиестиот заден дел кој е заменет со флуидни и елегантни линии како кај историските GT модели на марката како што се 410 Superamerica и 500 Superfast од доцните ’50-ти и рани ’60-ти години. Сепак, за разлика од некои други уникатни креации направени според слична формула, кај BR20 ретро влијанието е многу посуптилно, до толку што лесно би можел да помине и како нов сериски модел на Ferrari, за што сигурни сме дека многумина би посакале и да е бидејќи е еден од најубавите модели на Ferrari со напред сместен V12 мотор, кој не доживеа никакви измени.
Во споредба со GTC4Lusso има помали предни светла кои не се протегаат во толкава мерка до крилата и широки всисници за воздух. Необичниот дизајн на праговите кои се претопуваат во хромираните инсерти на крилата на целиот автомобил му дава необично елегантен изглед од која и страна да се погледне. Најголемите промени, секако, се назад каде новиот закосен заден дел додава дополнителен спортско-елегантен впечаток на раните Ferrari-еви GT модели. Задржани се карактеристичните два пати по две тркалезни светла, а 20-инчните тркала се дизајнирани посебно за оваа пригода. Внатрешноста доживеа помали промени. Додадени се елементи од темна кожа, а задната +2 клупа е исфрлена за да се добие дополнителен полуотворен простор за багаж обработен со кожа, дрво и карбон.
Штета што Ferrari не подготви и видео од него.