Tags: , ,
Dacia Duster, прва генерација (2010-2022) – фото галерија

Зад кулисите на приказната за успехот

» Dacia е приказна во која еден успех води кон друг. После раѓањето на Logan 2004-тата и Sandero четири години подоцна, наредната идна ѕвезда се појави на автомобилското небо во 2010 година. Правливото име Duster воопшто не го засени нејзиниот сјај. Уште од самиот почеток се знаеше дека ќе стане легенда која ќе ги освојува патиштата и беспаќата ширум светот, од студениот Сибир преку африканските пустини до јужноамериканските пампи.

Робусниот теренец дизајниран за семејни потреби и конструиран за секакви предизвици се појави во време кога SUV моделите кои завладуваа со продажните салони имаа теренски способности само на хартија. Такви беа трендовите и производителите тежнееја на купувачите да им извлечат што повеќе пари за непотребни нешта продавајќи им имиџ и софистицираност. Оние пак на кои им требаше нешто практично, издржливо и трајно но сепак со прифатлива цена, мораа да се задоволат со некој стар и истрошен теренец. Затоа и Duster брзо ја освои публиката, станувајќи култен модел за Dacia. И повеќе од тоа – во добар дел од светот надвор од Европа се продаваше под ознаките на Renault па дури и на Nissan.

Го купуваа и мажи и жени, и млади и стари, и приватни лица и фирми, за возење низ град или во рурални средини, сеедно. Впрочем така беше и замислен – да биде за секого, за сите прилики, и тоа евтино. Инженерите добија задача од празен лист хартија да развијат возило кое не постоеше на пазарот. Концептот беше претставен на салонот на автомобилите во Женева во 2009 година, а производството започна наредната 2010-та. Имаше решенија кои изненадија – пример е минималната брзина од 5,79 километри на час со која можеше да се движи, што моторот ја обезбедуваше вртејќи се со само 1.000 вртежи во минута. Тоа заедно со големите пристапни агли и високиот клиренс му обезбедуваа проодност на тешки терени дури и во верзијата со погон само на предните тркала.

Покрај во Романија се произведуваше уште и во Бразил, Колумбија, Русија, Индија и Индонезија и тоа сé до 2022-рата иако пет години пред тоа се појави неговата втора генерација. Произведени се повеќе од два милиона примероци.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *