Француски блокбастер
» Citroen измисли автомобил за секој поединец кој ќе ги замени единствените автомобили за сите – со тие зборови Лук Епрон кој тогаш беше одговорен за нови производи, во март 1991 година храбро истапи најавувајќи го новитетот на марката во исклучително важната и профитабилна компактна класа каде во лов на европскиот пазар јуришаа Volkswagen Golf, Opel Astra, Ford Escort, Peugeot 309, Renault 19, Fiat Tipo… На тој начин тој истакна дека всушност ZX на пазарот понуди четири различни опции пакети опрема со кои се обраќа на различни категории купувачи. Reflex претендираше на млада, пред сé женска публика која сака модерен стил, атрактивен и динамичен изглед, практичен и простран ентериер и жив мотор. Опцијата Avantage целеше на практичните предности кои ги бараат семејствата со деца. Aura беше ниво кое ZX го нудеше на постарите мажи кои преферираа полуксузно опремен семеен автомобил, со извесна доза индивидуализам. Со опцијата Volcane пак ZX целеше на главно младите и исклучително активни купувачи со поголема платежна моќ кои ги ценеа имиџот, изгледот и спортското изразување.
Генерално, Citroen ZX своевремено ја пополни дупката меѓу малиот AX и поголемиот BX. Што се однесува до стилската генеза, овој модел беше своевиден компромис меѓу идејата на Bertone и концептот N2 и како нивна синтеза како готов производ го претстави куќниот дизајнерски центар. Во самиот развој Citroen вложи рекордни 6 милијарди француски франци, сума која ја вклучуваше и модернизацијата на фабриките во Франција и Шпанија каде требаше да се произведува. Со оглед на пазарниот сегмент за кој беше наменет, хидропневматското ослонување беше прескапа опција, но тоа не значи дека ZX не беше иновативен и технички авангарден. Место со хидропневматиката, тој се фалеше со нов технички детаљ – динамички пасивното управување на задните тркала. Со тоа ZX совршено ги поднесуваше предизвиците кои возачот ги поставуваше во возењето, а стабилноста му беше скоро на ниво на можностите на хидропневматиката. Друга иновација беше поместливата задна клупа кај која уште можеше да се менува и нагибот на наслонот до 30 степени, благодарејќи на што ZX располагаше со најпростран ентериер во класата. Плус на тоа задната клупа беше и делива, отворајќи низа варијации на тема волумен на расположливиот простор на багажникот. Со цел за издвојување од просечноста на пазарот Citroen го опреми ZX со живописен избор на ткаенини за ентериерот и бои на каросеријата.
ZX беше комерцијализиран во три каросериски изведби, со три и пет врати и како простран караван, кој имаше и своја доставна варијанта. Појавувањето на караванот беше воедно и враќање на марката на подзаборавениот пазарен сегмент кој го напушти со пензионирањето на GS. Треба да се спомене и дека во 1994 година Heuliez го претстави и атрактивниот кабриолет ZX West Wind, ама за жал тој не стигна до производството. Во текот на својот европски живот ZX се нудеше со широк избор различни четирицилиндрични мотори кои ги делеше со Peugeot. Во време на појавувањето бензинците стартуваа со карбураторскиот 1,1 литарски мотор со 60 KS, а топ моделот беше 1,9 литарски со 130 коњи. Понудата со тек на време беше засилена до 167-коњскиот 2.0 16V, чиј спортски дух беше нагласен и со бројни стилски детали кои го правеа мускулест ловец на Golf GTi со забрзување до сто за 8,5 секунди и брзински максимум од 219 km/h. Штедливите алтернативи беа застапени со обичните и турбо 1,9 литарски дизели со 64 и 92 KS, кои уште тогаш беа опремени со катализатори.
ZX ја заврши европската кариера 1998 година после вкупно 2,1 милион произведени примероци, од кои десетина отсто беа во караванска изведба, докажувајќи дека за Citroen беше вистинскиот автомобил во вистинското време. Животот го продолжи во Кина, каде беше важен во контекст на отворањето на тамошниот пазар за странските производи. Врз основа на договор за партнерство потпишан 1990-тата со Dongfeng, две години подоцна таму започна монтажата на ZX од делови испорачани од Европа. Моделот кој имаше назив Fukang и кој тогаш беше најмодерен во Кина, со текот на времето најпрво доби своја седан верзија, а потоа реименуван прво како Elysée а после освежувањето со делови од Xsara и како C-Elysée, за конечно во 2014-тата да биде заменет со истоимениот модел кај нас уште познат и како Peugeot 301. Заедно со нив, вкупно од сите верзии и варијанти на ZX се испорачани повеќе од 2,6 милиони примероци.