Tags: ,
Mercedes SLK R170 (1996-2004) – фото галерија

Како Mercedes го разбуди интересот на ентузијастите

» Во последната деценија од минатиот милениум Mercedes ги израдува љубителите на свежиот воздух во возењето и го разбуди интересот на купувачите за автомобили со тврд склоплив покрив – благодарејќи на својот револуционерен концепт, SLK од серијата R170 можеше од купе да се трансформира во родстер за помалку од половина минута. Освен тоа донесе и низа иновации од безбедносен аспект – импресивно ги изведе сите релевантни тестови од судари до превртувања по заслуга на својата лесна конструкција изработена со употреба на магнезиум, кој му ја намали тежината на само 1.270 килограми.

Автомобилот го доби името уште во фазата на развој, кога инженерите го означија како sportlich, leicht und kurz, односно спортски, лесен и краток. Производствената верзија претставена на меѓународниот салон на автомобилите во Торино во април 1996 година совршено одговараше на своето време. Отворените двоседи тогаш преживуваа силна ренесанса – во Западна Европа годишниот број регистрации во овој пазарен сегмент порасна од 11.300 во 1992 година на 98.500 во 1995-тата. Но SLK освен што придонесе за процвет на автомобилите со отворен покрив имаше и голема важност за марката бидејќи им се допаѓаше на помладите луѓе. Всушност тој заедно со CLK и M-класата доста придонесоа за новиот имиџ на Mercedes.

Студијата која беше претставена исто така во Торино 1994 година го поттикна апетитот на јавноста. Со кратките превиси и размерно на тоа долгото меѓуоскино растојание истакна многу детали на дизајнот кој верно беше пренесен во серискиот модел најавен со вториот концепт од Париз есента истата година. Единствениот дизајн на ентериерот привлекуваше значајно внимание со изненадувачки шарената и разнолика внатрешност во комбинација со освежувачките бои на каросеријата. Склопливиот цврст покрив како алтернатива на класичниот платнен беше извонредно и доста ценето техничко решение. Идејата воопшто не беше нова во автомобилската индустрија, ама заради спуштањето на целиот покрив во багажникот дотогаш практично беше неприфатлива. Инженерите на Mercedes го револуционираа тој концепт со електрохидрауличен систем со пет хидраулични цилиндри. Пред почетокот на сериското производство 30 прототипи мораа да ја поминат постапката на отворање и затворање на покривот по 20.000 пати, што одговараше во тек на десет години тој да се отвора и затвора по шест пати на ден. Ракувањето беше едноставно – со притисок на копче SLK од купе стануваше родстер, или обратно, за само 25 секунди.

SLK на почетокот беше понуден во две верзии, со дволитарски мотор со 136 KS и 2,3 литарски со компресор и 193 KS, а за некои пазари и со една коњска сила послаб дволитарски компресорски мотор. Тој агрегат но со 163 коњски сили стана стандарден после обновувањето на моделот во 2000-тата година, кога понудата беше проширена и со шестцилиндричен 3,2 литарски мотор со 218 KS, кој во компресорската преработка на AMG развиваше 354 KS.

Првиот SLK покрена мала, но престижна традиција – до 2004 година кога се појави втората  генерација беа направени 311.222 примероци. Третата генерација претставена во 2011-тата пет години потоа беше преименувана во SLC и се произведуваше сé до 2020-тата кога замина во пензија без наследник.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *