Големиот мал автомобил
» Во соопштението за јавност на Citroen од 1961 година за Ami е нагласено дека овој модел не е замена за Спачек, од кој целосно се разликува. Тој настана како одговор на потребата на купувачите кои со опоравувањето на економијата на Европа бараа поголеми и помодерни автомобили. Дело е на Италијанецот Фламинио Бертони, кој работејќи со децении за Citroen ги дизајнираше и Traction Avant, Спачек, DS и комбито Type H. Тој беше многу горд на Ami, кој пред пријателите и семејството го нарекуваше свое ремек-дело. Една од причините зошто беше така е и тоа што никој не му се мешаше во работата или наметнуваше идеи. Како резултат на тоа Ami имаше храбри линии со кои покажуваше силен карактер и собираше пофалби за естетиката. Дури и за задниот дел со обратно закосеното задно стакло замислено така да остане чисто кога паѓа дожд. Ваквото решение овозможи и зачувување на респектабилната големина на багажникот и пространост на задните седишта. Предниот дел пак освен со префинетите линии ги привлекуваше погледите и со четвртастите светла, какви што во тоа време немаше ниту еден друг автомобил. Ентериерот беше директно инспириран од DS. За погон беше задолжен двоцилиндричниот мотор од 602 cm³ позајмен од Спачек со 22 коњски сили, додека цената му изнесуваше 6.550 франци, денешни 11.700 евра.
Првата генерација Ami 6 постигна голем успех – до 1969-тата кога беше заменета со Ami 8 беа продадени 1.039.384 примероци, од кои повеќе од половина од караванската верзија која беше додадена во 1964 година.