Tags: , ,
Audi V8(1988-1993) – фото галерија

Mодел кој направи пресврт за марката

» Следејќи ја еволуцијата во автомобилскиот пејсаж во насока кон создавање на покомфорни и порафинирани автомобили, Audi го направи својот прв чекор во премиум сегментот со воведувањето на моделот V8. Лансирана 1988 година оваа извонредна лимузина не само што означи пресврт за производителот во смисла на влегувањето  во високото друштво, туку во играта воведе и нови технологии оставајќи иако недоволно признати сепак длабоки траги во автомобилската индустрија. Со својот пионерски дух овој предводник на компанијата беше првиот модел на Audi со V8 мотор и прв кој ги соедини quattro погонот со автоматски менувач, трасирајќи го патот на луксузните и високоперформансни лимузини со кои германската марка влезе во сериозно ривалство со Mercedes и BMW.

Во споредба со претходниот најпрестижен модел на марката кој ја носеше ознаката 200, V8 беше само за малку поголем но затоа беше далеку полуксузен – стандардната опрема вклучуваше кожа, автоматски клима уред, темпомат, електрично задвижувани стакла, Bose аудио систем со осум звучници, електро подесливи предни седишта и друго. На почетокот се опремуваше со 3,6 литарски мотор со 32 вентили и 250 коњски сили добиен со спојување на два 1,8 литарски агрегати од Golf GTi и спарен со четиристепен автоматски или петстепен мануелен менувач. Во 1991-вата понудата беше проширена со верзија со поголем 4,2 литарски агрегат со 280 KS, истиот оној кој подоцна најде место и во првиот Audi S4, со избор меѓу четиристепена автоматска или шестстепена мануелна трансмисија. Quattro погонот обезбедуваше возбудливо возачко искуство зацементирајќи ја позицијата на Audi V8 како меѓу најпрестижните германски лимузини така и во DTM трките.

Audi V8 имаше каросерија од поцинкуван челичен лим со десетгодишна гаранција на корозија, што само по себе беше доказ колку внимание е посветено на квалитетот и трајноста. Покрај стандардната, се нудеше и за 33 сантиметри продолжена верзија која се произведуваше во погоните на Steyr-Daimler-Puch во Грац, Австрија. За сопругата на тогашниот шеф на Audi Фердинанд Пих беше направен и еден примерок со Avant караванска каросерија. Audi V8 се произведуваше до 1993 година, а беа продадени вкупно 21.565 примероци. Се чини малку но тогаш пазарот за луксузни лимузини не беше голем како сега, а адутот на Audi иако недокажан кај купувачите воопшто не беше евтин – цените стартуваа од 85 илјади марки за стандардната и 155 илјади за продолжената верзија.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *