Tags: , , ,
Ford Model T (1908-1927), Комплетна приказна – 3*видеа, фото галерија

Автомобилот што го постави светот на тркала

» Приказната за Ford Model T не може да се раскаже почнувајќи од моментот кога се појави, затоа ќе започнеме од 26 мај 1927 година кога Хенри Форд присуствуваше на производството на 15-милионитиот и последен примерок кој излезе од прочуената фабрика Хајленд Парк. Иако сите очекуваа голема прослава каква легендарниот автомобил заслужува, Хенри не сакаше никаква церемонија и не успеваше да ги сокрие солзите. Најмногу затоа што знаеше дека стигна крајот на автомобилот што го постави светот на тркала, кој повеќе не можеше да го одржува во живот. Хенри и неговиот син Едсел кој беше претседател на најголемата авто-компанија во светот во тој момент, седнаа во него и се одвезоа до инженерскиот центар на Ford во Дирборн оддалечен некои 20-тина километри. Таму последниот американски Model T го паркираа покрај уште два битна автомобила во историјата на Ford – првиот автомобил што Хенри го направи во 1896 година и прототипот на Model T од 1908-мата. Тој ден најбогатиот човек во Америка ги провози сите три и потсети многумина колку долг беше патот во остварувањето на американскиот сон. Хенри Форд ниту го измисли автомобилот ниту пак монтажната лента, но ги усоврши до таква мерка што неговото име се најде на самиот врв на листата луѓе кои имаа најголемо влијание на човековата цивилизација. Со неговата визија Хенри успеа да го направи автомобилот евтин и тој од луксуз да стане потреба.

Хенри Форд е роден 1863 година во Дирборн како син на фармер со потекло од Ирска. Дека е подготвен за големи дела навестуваше уште од раната младост кога ја модификуваше машинеријата за работа на полињата, а на 13 години ја конструираше и првата машина која работеше на јаглен. Три години подоцна ја напушта фармата и се сели во градот во потрага по подобар живот. Добива работа за одржување на парни мотори за локомотиви, а на 24 години се жени со Клара Брајант, која во иднина ќе претставува голема поддршка во неговиот поход кон врвот. Светот во голема мерка започна да се менува кога Карл Бенц го претстави првиот автомобил во јануари 1886 година, но Хенри се заинтересира за новото средство за транспорт уште пред тоа да се појави, репарирајќи еден бензински мотор. Иако продолжи да работи со парните машини, тој во слободното време започна да прави сличен бензински мотор и првиот успешно го тестираше во 1887-мата. Продолжи да работи на конструирање цел автомобил кој беше подготвен за тестирање во 1893-тата, истата година кога браќата Чарлс и Френк Дјуриа го претставија првиот автомобил во САД. Тогаш Хенри стана и главен инженер во компанијата за производство и дистрибуција на струја на Томас Едисон, што му обезбеди доволно време и средства да продолжи да работи на своите експерименти. Три години подоцна своите идеи ги претстави на главните луѓе на компанијата и на Едисон лично, од  кој доби поддршка да продолжи. Сепак, во 1899 година ја напушти за целосно да се посвети на производството на автомобили во компанијата Detroit Automobile што ја основа со помош на група финансиери, меѓу кои и градоначалникот на Детроит. Но тие сакајќи брз поврат на вложеното дојдоа во конфликт со него незадоволни со темпото со кое компанијата напредуваше и две години подоцна таа банкротираше бидејќи Хенри не сакаше да започне со производство  додека не биде целосно усовршен.

Веднаш потоа тој основа нова компанија на која ѝ го дава своето име – Henry Ford Company. До раните 1900-ти години американската авто-индустрија броеше триесетина компании кои има произведено око 2.500 возила. Автомобилите тогаш главно се промовира на тркачките патеки, што Хенри многу добро го знаеше. Затоа и уште пред да стартува со новата компанија тој си зеде за  задача да направи тркачки автомобил. Но финансиерите не беа среќни со тоа што се посветува на трките а не на производството на автомобили и Хенри задржувајќи ги правата на своето име после само половина година ја напушта компанијата која веднаш потоа беше преименувана во Cadillac. Тој продолжи да работи на тркачкиот автомобил создавајќи го со неколку соработници моќниот 999. Спортските успеси што тој започна да ги жнее му помогнаа на Хенри Форд наредната 1903-та да ја основа Ford Motor Company, која привлече сериозни инвеститори, меѓу кои и браќата Доџ кои одлучија да ја снабдуваат новата компанија со делови.

На почетокот компанијата произведуваше по неколку стотина возила годишно, што не му се допаѓаше  на Хенри. Возилата беа скапи, а производството заради лошата организација неефективно. Тој цело време во глава имаше замисла за евтин автомобил достапен за сите, на кој напорно работеше, практично во тајност. И успеа – кога во 1908-мата го претстави првиот прототип на Model T јавноста виде типичен автомобил за тој период со исклучок на цената – за само 825 долари купувачот требаше да добие едноставен за возење автомобил со четири врати, 2,9 литарски мотор со 20 KS кој можеше да работи на бензин, керозин или етанол спарен со двостепен менувач, кој беше тежок 540 kg и постигнуваше максимални 68 km/h. На тест возењето на презентацијата Хенри беше толку возбуден што неговиот помошник мораше да презеде воланот, но затоа беше многу приземен после тоа кога покрена цела медиумска машинерија за  секој во Америка да дознае за новиот автомобил. Така, за кратко време собра 15.000 нарачки.

Токму големиот број нарачки и популарноста на Model T го натераа Хенри Форд да започне да размислува подлабоко за начинот на производство. Така, во 1910 година беше отворена новата фабрика Хајленд Парк дизајнирана од прочуениот архитект Алберт Кан, за која тогаш се зборуваше дека е индустриско чудо. Фабриката имаше четири ката низ кои поминуваше монтажната лента. Школката на автомобилот се правеше најгоре, за после да се испрати на третиот кат каде се боеше и поставуваше на шасијата. На вториот кат автомобилот ги добиваше останатите делови пред во него да биде ставен и моторот на првиот кат каде се вршеше и финалната контрола. Во една прилика Хенри имаше изјавено дека идејата за ваквиот начин на производство ја добил при една своја посетата на Чикаго каде видел како во фабрика за храна таа се пакува. Благодарејќи на ваквата организација и темпото на работа што таа го дозволуваше, Ford за две години четири пати ја зголеми продажбата и ја намали цената на Model T на 525 долари. Секако, заработката по продаден примерок беше помала, но продажбата толку многу растеше што во 1913 година се искачи на четвртина милион, а профитот на компанијата на импресивни 25 милиони.

И тоа не е сé – наредната година за која податоците велат дека вкупно 13.000 работници во Ford успеаја да произведат 260.000 возила додека во сите останати компании заедно дури 66.000 работници направија само десет отсто повеќе автомобили, Хенри ја шокираше капиталистичката Америка објавувајќи дека работниците ќе ги плаќа по 5 долари на ден, што беше повеќе од двојно отколку што тие дотогаш заработуваа. Причини за ваков потег имаше повеќе. Со повисоката надница тој ги собра подобрите работици со што ја зголеми продуктивноста и ги намали трошоците и времето потребно за нивна обука, а работниците задоволни од платата секако работеа подобро и производот беше подобар. Но во позадина на сето тоа лежеше фактот дека тие и сите други кои работеа на слични работи без разлика на индустриската гранка на кои работодавачите исто така мораа да им ги зголемат надниците за да не им избегаат, сега веќе беа во можност да си дозволат да купат автомобил. Интересно е дека од тогаш па до 1925-тата единствената боја во која можеше да се добие Model T беше црната заради тоа што таа беше најевтина за производство и најбрзо се сушеше, што беше многу битно бидејќи времето на производство на еден автомобил со воведувањето на монтажната лента беше намалено од дванаесет ипол часа на само 93 минути. Покрај тоа, популарноста на Model T продолжи да расте со додавање нови верзии и во 1917-тата, девет години по неговото претставување, беше произведен двомилионитиот примерок. Во  наредните четири години бројката произведени возила се искачи на пет милиони, со што 60 отсто од сите продадени автомобили во светот беа токму од Model T. Но неговиот подем не запре тука – тој продолжи да се продава во рекордни количини, благодарејќи и на цената која падна на 260 долари.

Но иако во периодот од 1923 до 1925 година се произведуваа по два милиона примероци годишно, беше време Model T да се замени со нов производ на што Хенри изричито се противеше. Неговиот син дури и му подготви изненадување – кога Хенри во 1924-тата се врати од годишен одмор го пречека прототип на нов автомобил, со помодерен изглед и посилен мотор, на што тој одговори дека продажбата на Model T е толку добра што не треба ништо да се менува, во спротивно ќе мора да отпушта работници. Меѓутоа конкуренцијата не спиеше и пред сé Chevrolet полека но сигурно започна да му краде купувачи на Ford. На крај и Хенри го сфати тоа и мораше да ја донесе за него тешката одлука да запре со производство на Model T. Така, после точно 15 милиони направени примероци тој престана да се произведува, а фабриката беше затворена шест месеци за да се подготват машините за неговиот наследник Model A кој иако се продаваше во огромни количини, никогаш не успеа ни да му се доближи на Model T ниту пак да остави трага во историјата. Но затоа му помогна на Ford да ја преживее големата депресија и од неа да излезе како втор најголем производител во светот.

Бил на функција или не, Хенри Форд практично продолжи да ја води компанијата сé до крајот на својот живот во 1947-мата, четири години по несреќната смрт на неговиот син Едсел кој почина од рак на желудникот, по што командата ја презеде неговиот внук Хенри II. Неговото вистинско чедо Model T остави толку длабока трага во историјата која единствено успеа да ја засени Бубата на Volkswagen 45 години подоцна, во 1972-рата, кога бројот на нејзините произведени примероци ги надмина оние на Model T. Затоа и не треба да чуди што во 1999-тата Model T после долг и сеопфатен процес кој траеше три години од вкупно околу 700 кандидати беше прогласен за автомобил на 20-тиот век. Колку беше популарен Ford Model T кажува и фактот дека неговиот мотор како резервен дел се произведуваше дури до 1941 година – направени се скоро 170.000. Во 2002-рата од преостанати или од новопроизведени делови според оригиналните технички цртежи Ford направи уште шест примероци од Model T. Изразено во денешна вредност, Ford Model T во првата година чинеше околу 28.000 долари, а  најевтин беше во 1925-тата кога за него требаше да се платат денешни 4.550 долари. Покрај во САД се произведуваше уште во 13 други земји низ светот. Последниот примерок беше произведен на последниот ден од 1927 година во Ирска. Вкупно беа направени 15.007.033 примероци.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *