Tags: , ,
Audi TT (1998-2006) – Атрактивен спортист на основа на Golf

Многумина го сметаа за лажен спортски автомобил, но тој ги демантираше

» Се појави во време кога неговата класа беше на умирање и веднаш предизвика контроверзи – импресивниот спортски дизајн ги засени неговите недостатоци предизвикани главно од несоодветната механика која водеше потекло од Golf. Инженерите од Инголштат реагираа и пред да донесе непоправлива штета по имиџот ги исправија погрешните проценки на своите колеги од маркетиншкото одделение дека еден ваков автомобил ќе служи повеќе за покажување отколку за беснеење. Како и да е, лажниот спортист како што на почетокот го нарекуваа оние кои вистински се разбираат во автомобилите опстана и со децении гордо ја носеше ознаката ТТ која Audi ја доби во наследство од NSU откако Volkswagen ја купи компанијата подоцна спојувајќи ја со Auto Union создавајќи го денешниот авто-производител кој ние го препознаваме по четирите прстени.

Како и да е, атрактивно скоцканиот Audi TT успешно се справи со конфекциските особености кои ги имаше повеќе отколку што треба. Дизајниран дрско, тој во очите на оние кои не бараа премногу, вешто го криеше своето обично механичко потекло, можеби најмногу по заслуга на бројките кои во табелата со технички податоци ги вметна 1,8 литарскиот 20-вентилски турбо бензинец со својот ѓаволски темперамент. Имаше 180 коњи, а во верзијата со Quattro погон и 225, кои му обезбедуваа опасни перформанси – забрзување до 100 km/h за 7,5 секунди и максимални 228 km/h. Подоцна доби две нови верзии – посмирена со 150 коњи и побесна со 3,2 литарски VR6 со 250, кои ја потврдија упорноста на Audi да го истера овој спортист целосно вон колосекот на тогашната гама во вистинската насока кон иднината. Во целост усогласена со тоа беше и спортската внатрешност со ниски школкасти седишта, алуминиумски педали и прегледни инструменти. До 2006 година кога дојде втората генерација беа произведени 276.560 возила.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *