Се сеќавате на овој монструм?
» Човековата имагинација не признава никакви граници, посебно не ако како поддршка се има целата машинерија на Aston Martin, кој експериментирајќи со својата понуда пред нешто повеќе од деценија го произведуваше малиот премиум автомобил Cygnet. Тој како луксузна изведба на Toyota iQ, колку и да беше интересен, не успеа да привлече значајно внимание. Тоа на свој начин го стори оваа негова урнебесна трансформација – наместо стандардниот 1,33 литарски четирицилиндричен мотор со 99 KS кој му овозможува забрзување до стотка за 11,8 секунди и најголема брзина од 170 km/h, Британците во него стуткаа 4,7 литарски V8 со 430 KS, позајмен од Vantage S. Резултатот е импресивен – до 100 km/h му требаат 4,2 секунди, а максимумот е 275. Секако, подвозјето е прилагодено на тоа, каросеријата е засилена, а додадена е и спортска опрема. И да, единствениот направен примерок имаше свој купувач, по цена која не е позната.