Tags: , ,
Aston Martin V12 Vantage: Најбрзиот пензионер во светот (фото-галерија)

Само за 333 среќници

» Aston Martin ја претстави новата генерација на Vantage во 2018-тата, но без нејзината V12 верзија. Сега, кога конечно реши да ја понуди, веднаш ја испрати во пензија – ја најави како финална, со лимитирано производство од 333 примероци, за кои нарачките веќе се пополнети. Тие што фатија врски да застанат во ред за него веќе знаеја дека е најбрзиот и најсилен Vantage направен било кога – неговиот 5,2 литарски твин турбо V12 испорачува округли 700 KS и 753 Nm вртежен момент. Тоа е за 190 KS и 68 Nm повеќе од стандардниот V8 Vantage, кои на патот до максималните 322 km/h во соработка со осумстепениот автоматски менувач му овозможуваат спринт до стотка за 3,4 секунди.

Но бројките се само дел од приказната за V12 Vantage бидејќи тој помина низ низа мерки за заштеда на тежината. Така, бројни компоненти се направени од јагленородни влакна, вклучувајќи ги и хаубата, предниот браник и страничните прагови. Ним им се придружуваат задниот браник и поклопецот на багажникот кои се од композитни материјали, а централно поставениот двоен издувен систем е направен од нерѓосувачки челик. Дополнително, направени се измени на ослонувањето, каросеријата е покрута, вграден е диференцијал со ограничено пролизгување а системот за управување е рекалибриран. За сé да остане под контрола, инженерите го опремија V12 Vantage и со карбон-керамички сопирачки со шест клешти напред и четири назад. Дизајнерските корекции се во функција да стави до знаење дека не е стандарден Vantage, а кабината во голема мерка остана иста. Испораките ќе започнат набргу, а цената не е позната.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *